Лиценцирана фирма несоодветно обработувала медицински отпад, го сечела во машина без термички да го обработи и да го стерилизира, а потоа како обичен отпад истиот се носел во депонијата „Дрисла“. Станува збор за фирма регистрирана во Битола, а просториите каде што требало да се третира медицинскиот отпад се наоѓаат во Скопје.

Овој случај денеска на прес-конференција го обелоденија градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и главниот инспектор на Град Скопје, Мирослав Богдановски.
Двајцата денеска презентираа видео и фотографии од ситуацијата која ја затекнале при контрола направена во декември. Случајот го пријавиле во обвинителството, но бидејќи оттаму нема никаква реакција, како што рекоа, решиле денеска да излезат и на прес-конференција да презентираат што застекнале.

Преку објавените видеа и фотографии, посочија тие, јасно се гледа неодговорното и несовесно постапување со медицински отпад каде што кучиња скитници јадат човечки остатоци и крв што истекува во атмосферската канализација и се влева во реката Вардар.
Отпадот што го затекнале во време на контролата бил од медицинските установи во Прилеп и Битола.

„Машината за преработка на медицинскиот отпад за време на контролата не беше во функција и отпадот не беше соодветно третиран, со што се отвораше можност за ширење опасни зарази по животот на луѓето и животните. Медицинскиот отпад се обработуваше во машина за сечење која само го дроби отпадот, но не ги уништува бактериите. Таквиот непреработен медицински отпад го префрлаа во камион кој не е соодветен за транспорт на ваков тип инфективен и опасен отпад, за потоа да биде транспортиран во „Дрисла“ како обичен отпад“, о
објасни Богдановски.
Инспекторот отишол во контрола затоа што никоја институција не преземала ниишто, а имал многу дојави од граѓани дека во кругот на фирмата подолго време се случува нешто сомнително, оти се шири непријатен мирис и дека отпадот не се третира соодветно.

Шилегов, пак, се пожали дека јавното обвинителство не реагира и побара веднаш да започне истрага за овој, како што го нарече, скандал опасен по здравјето на луѓето.

„Повеќе од 50-ина дена Град Скопје чека какво било преземање дејствија од Јавното обвинителство, но досега немаме информација дали воопшто официјално е започната истрага. Напротив, според нашите сознанија, сторителот се покрива со документација од друга надлежна институција“,
рече градоначалникот.
Градот, за жал, рече тој, нема податоци колку долго и колку често на ваков начин се третирал медицински отпад.
Покрај од обвинителството, Шилегов бара и Министерството за животна средина и просторно планирање во целост и детално да го испита работењето, не само на оваа туку на сите фирми што се под негова надлежност, односно имаат дозвола за обработка на медицински и опасен отпад.

Обвинителството, според објаснувањата на прес-конференцијата, не е единственото од каде што се бара да реагира. Задолжени за контрола на третирањето на медицинскиот отпад се Државниот санитарен и здравствен инспекторат, кој има обврска да врши контрола на собирањето на отпадот во медицинските установи, и Државниот инспекторат за животна средина кој е задолжен да го контролира транспортот на отпадот од установата до крајната точка.