До медиумите денеска се доставени две видеа во кои главна „улога“ има кардихиругот д-р Сашко Јовев
Во едното видео д-р Јовев бутка и удира вработен на Клиниката за кардиохирургија. Според Јовев, удирањето и буткањето биле пријателски. Според директорот на Клиниката за кардиохирургија, д-р- Марјан Шокаровски, вработениот се здобил со телесни повреди
Нешто по 13 часот, на електронската пошта на „360 степени“ стигнаа две видеа. Кратката порака која стигна со нив сугерираше дека тие се доказ за насилничкото однесување на кардиохирургот д-р Сашко Јовев. Барем во едното видео, може да се види физички контакт меѓу Јовев и машко лице.
За потсетување, д-р Сашко Јовев беше директор на државната Клиника за кардиохирургија до почетокот на летово. Министерот за здравство го разреши и на негово место го назначи д-р Марјан Шокаровски. Пред неполн месец и Јовев и Шокаровски поднесоа пријави еден против друг за физички напад.
„Пријателски“ шамари
Да се вратиме на „протечените“ видеа. Не помина долго пред да сфатиме дека истите видеа се испратени на повеќе редакции.
Првото видео трае 1 минута и 34 секунди. На него јасно може да се види како д-р Сашко Јовев влегува во просторија во цивилна облека и веднаш се упатува кон вработена која носи работна униформа во зелена боја. Јовев енергично гестикулира со рацете, изгледа дека ѝ сугерира нешто на вработената. Таа тргнува по него, но потоа се враќа и се упатува во друга просторија и ја снемува од кадарот. Д-р Сашко Јовев се упатува во спротивен правец, низ ходник. Таму стои машко лице во сина униформа, кое за цело време на видеото зборува на мобилен телефон, а се чини д-р Јовев му удира „заушка“ додека поминува крај него.

Набргу, Јовев се враќа низ истиот ходник и му се внесува во лице на истото машко лице во сина униформа. Следува кратка препирка, по што Јовев прво го турка мажот, а потоа му удира и шлаканица. За цело време, нападнатото лице не престанува да зборува на телефон и во неколку наврати со слободната рака го одвраќа Јовев, но во ниту еден момент не влегува во директна физичка пресметка. Не е јасно и каква е природата на конфронтацијата бидејќи во еден момент во кадарот влегува уште еден вработен во сина униформа кој се смее на целата сцена.
Откако Јовев заминува, нападнатиот маж продолжува да си зборува на телефон, па дури и изгледа опуштено кога се потпира на пултот. Другиот маж во просторијата, кој се смееше на сцената, се чини дека продолжува да се шегува симулирајќи удирање шлаканица.
Во изјава за „Фактор“, д-р Сашко Јовев тврди дека во првото видео е прикажано буткање со негов пријател на Клиниката за кардиохирургија.
„Она што се гледа како буткање, тоа е со мојот физиотерапевт, долгогодишен пријател Роберт Велчески. На сестрата ѝ кажував ‘зошто не доаѓаш во амбуланта’. Едноставно им забрануваат кога прегледувам во амбуланта да дојде сестра, да дојде физиотерапевт, за да се извршат прегледите како што треба“,
вели Јовев за „Фактор“.
Вели и дека ако се работело за пресметка, и другото лице ќе му вратело.
„360 степени“ побара став и од директорот на Клиниката за кардиохирургија, д-р Марјан Шокаровски. И тој потврди дека на првото видео не е тој, туку физиотерапевт од клиниката. Но, не го опишува „судирот“ како пријателски:
„(Настанот се случува н.з.) на интензивна нега, а физитерапевт се здобил со повреди по настанот (повреда на колк)“,
кажа за „360 степени“ д-р Марјан Шокаровски.
Јовев VS Шокаровски
Второто видео е пократко и по време и по содржина. Трае 1 минута и 5 секунди. На почетокот на видеото се гледа како д-р Сашко Јовев излегува од една просторија која е одвоена од ходникот со електронска лизгачка врата (можеби хируршка сала), влегува во ходник и гестикулира со рацете кон дел од персоналот. Повторно е единствениот во просторијата кој е во цивилна облека (не носи униформа, хируршка капа или маска). Набргу потоа кон истата просторија се упатуваат маж со хируршка маска и капа, како и лупи (инструменти) на очите, заедно со жена која во од става хируршка капа.

Но, мажот застанува при самиот влез низ електронската лизгачка врата и наскоро можеме да видиме дека таму е пресретнат од д-р Сашко Јовев. Следи разговор од околу 10 секунди, а двајцата на моменти се чини дека се „гради во гради“. На снимката нема тон, па не се слуша што зборуваат, но од аголот од кој е снимено видеото се чини дека нема буткање или удари. Мажот со опремата потоа се враќа од ходникот од каде што дојде, а со него доаѓаат и двете жени кои претходно се чинеше дека ќе влезат во просторијата со него. Јовев се враќа во просторијата зад електронската врата.
Д-р Шокаровски потврдува дека на втората снимка, тој е мажот со опремата. Не коментираше лично за случката со Јовев прикажана на видеото. Но, како директор, најави истрага како протекле снимките.
„Потврдувам дека снимките се автентични, но не се од надзорните камери, туку се снимени со мобилен телефон“,
изјави д-р Марјан Шокаровски за „360 степени“, кој рече дека не знае како се излезени оттаму, ќе формирал комисија за да утврди кој ги дистрибуирал до јавноста.
И д-р Јовев за „Фактор“ потврдува дека на второто видео се тој и сегашниот директор, д-р Шокаровски. Но, додава, тоа е доказ и дека нема физички контакт.
„Ова е сосема фингирано видео против мене, што го пуштаат намерно, се води една хајка, за да си одам од клиниката. Со директорот немам никаков физички контакт, на видеото се гледа“,
вели д-р Јовев за „Фактор“.
Крив е Јовев, заклучи МВР
Иако имаше две пријави за истиот настан, Министерството за внатрешни работи на крај го „осомничи“ д-р Сашко Јовев за виновен за настаните. Сепак, полицијата одлучила дека нема елементи за кривичен прогон.
„По извршени консултации со дежурен јавен обвинител, добиени се насоки настанот да се води по закон за прекршоци против јавниот ред и мир, бидејќи нема елементи и обележја на кривично дело кое се гони по службена должност. Против С. Ј. ќе биде поднесен соодветен поднесок, а по насоки на јавен обвинител за настанот ќе биде поднесено известување до ОЈО Скопје“,
соопштија од МВР.
