„Станува збор за адреса на фирмата ‘Памитекс‘, која е основана само 20 дена пред распишување на тендерот, на улица ‘Орце Николов‘ број 188/2-11 во Скопје. И што најдовме тука? Апсолутно ништо! Нема нема табла, нема вработени, нема ниту трага од компанија што би можела да спроведе сериозна јавна набавка, а камоли специјализирани униформи за полицијата“, рече организацискиот секретар на СДСМ од адресата каде што е регистрирана една од фирмите што го доби тендерот за униформи за специјалните единици
На адресата каде што е регистрирана една од фирмите што го доби тендерот за униформи за специјалните единици на Министерството за внатрешни работи (МВР) нема табла ниту вработени и ниту трага од компанија што би можела да спроведе сериозна јавна набавка. Ова денеска го соопшти Мартин Костовски, организациски секретар на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), пред зградата во Општина Карпош во Скопје, на адресата каде што, според официјалните документи, е регистрирана една од фирмите која доби тендер вреден четири милиони евра од МВР.

„Станува збор за адреса на фирмата ‘Памитекс‘, која е основана само 20 дена пред распишување на тендерот, на улица ‘Орце Николов‘ број 188/2-11 во Скопје. И што најдовме тука? Апсолутно ништо! Нема нема табла, нема вработени, нема ниту трага од компанија што би можела да спроведе сериозна јавна набавка, а камоли специјализирани униформи за полицијата“,
рече тој.
Тоа, според него, ги наметнува прашањата како е регистрирана оваа фирма и дали има фиктивно седиште.
„Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски жив е фатен во голем скандал и мора да одговори како е можно една компанија без капацитети, без историја, без вработени да добие тендер во МВР вреден четири милиони евра за униформи. Ова не е обичен тендерски скандал. Ова се основани сомнежи за системска корупција, која оди до самиот врв на власта“,
вели Костовски.
Уште една повтори дека СДСМ бара итна истрага од Јавното обвинителство и поништување на овој скандалозен тендер.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера одговарајќи на обвинувањата на опозицијата за случајот со тендерот за полициски униформи рече дека го охрабрува Јавното обвинителство да отвори постапка не само за овој, туку за секој предмет за кој има какви било индиции за сомнежи во делот на незаконитост.
Посочи дека МВР презело сè што треба да се преземе, побарало да биде исполнет соодветен квалитет од страна на фирмите во делот на униформите. Како што појасни, одредени услови што се побарани во рамки на тендерската документација, а се поврзани со квалитетот на униформите, се исполнети од страна на фирмите.
Досега, како што рече, не е нарачана ниту една униформа и не е склучена ниту една договорна нарачка и додаде дека ова е рамковна спогодба која е склучена и треба да се остави за да се види како ќе се одвива овој процес.
Случајот со тендерот за униформи за специјалните единици што го доби женско модно студио од Битола со двајца вработени и фирма формирана 20 дена пред распишувањето на тендерот го објави „360 степени“, по што следуваа реакции од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) и од Левица.