Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва, од првиот предизборен собир во Охрид, испрати порака до граѓаните да не веруваат во, како што рече, транзициски политичари, кои носат лажни подароци, туку да поддржат „обнова, вистина, чест и честитост, какви што носи ВМРО-ДПМНЕ“.
„Се сеќавате, немало правда немало мир. Да ги прашаат родителите на децата на Смилковско езеро каде е правдата. Да ги прашаат родителите на Мартин Јанушев каде е правдата. Да ги прашаат родителите на Кољо каде е правдата. За потегнување за коса имаме четири години затворска казна, а за убиец три години. Таа ли е правдата што ја донесе Заев, таа ли е правдата за која марширавте. Не, тоа е неправдата што денеска е реалност во нашата Македонија“,
рече Мицкоски.
Тој оцени дека Македонија е понижена и омаловажена, а Македонецот, како што рече, се чувствува како граѓанин од втор ред.
„Можеа за три години да направат нешто, но не направија. Направија само една работа, го исполнија ветувањето дадено во далечната 2008 година кога Заев рече да си ја свиткаме кичмата. Тоа е единственото ветување кое го исполнија. Можеа да направат подобар договор и да не ни ги земат достоинството и честа. Да не ја навредат крвта и коските на оние јунаци наши предци кои живот даваа за оваа земја. Можеа, но не го направија тоа, туку капитулираа. Затоа сме ние тука, да го држиме тој пламен и да го засилуваме пламенот македонски, да биде вечен, да гори и да потсетува на нашата Македонија, онаа која ја сонуваме“,
рече Мицкоски.