„Имаше голем пламен, сепак, гореле гуми, пластика, работи кои можеби се и канцерогени, не знам, тоа експертите подобро да кажат. Не беше баш пријатно за дишење, особено кога сте во непосредна близина“, рече жителот во изјава за медиумите
Ме разбуди експлозија – сведочи жител на скопска Пинтија кој живее во непосредна близина на сервисот за возила што ноќеска беше опожарен. Кратко потоа, за околу десетина минути, како што вели тој во изјава за медиумите, на врата му затропала полиција и го замолила да го напушти домот поради безбедносни причини.

„Кога излегов надвор на улицата, веќе беа и моите соседи кои потоа беа дислоцирани на посигурно место. По улицава има луѓе од секаков тип – деца, стари, изнемоштени лица“,
вели жителот.
Рече дека пожарот се случил во 3:40 часот утринава, а дека по опожарувањето имало голем пламен и чад.
„Имаше голем пламен, сепак, гореле гуми, пластика, работи кои можеби се и канцерогени, не знам, тоа експертите подобро да кажат. Не беше баш пријатно за дишење, особено кога сте во непосредна близина“,
додаде тој.
Посочи дека иако пожарот бил локализиран, се гасел подолго бидејќи на места тлеел, па повторно се разгорувал.
„Но, со навремена координација на самите пожарникари го локализираа успешно и го ставија под контрола и не дозволија да се прошири и да ги загрози куќите во околина каде што има население“,
додава жителот кој живее во близина на сервисот за возила што беше запален.
Смета дека намерата е тенденциозна бидејќи бил запален само сервисот, а не и околните објекти.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, информира дека пожарот во сервисот за возила во Пинтија што избувна рано утринава пред 4 часот е изгаснат по два часа. Во гаснењето биле ангажирани осум противпожарни возила. Засега нема информации за причините за избувнувањето на пожарот.