Доцна синоќа полицијата дошла во домот на директорката на СОУ „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар, Маја Лозановска, за да изврши претрес поради сомневање за сторено кривично дело. Настанот, за кој има видеоснимка, според опозицискиот СДСМ, претставува политички притисок
Видеоматеријалот покажува расправија пред куќата на Лозановска – на едната страна е полицискиот началник, на другата нејзиниот адвокат и членови на семејството. Не е спорен претресот, како што и вели адвокатот на директорката, туку инсистирањето на началникот таа да биде однесена во полициска станица на информативен разговор, иако во моментот била на боледување и не се чувствувала добро, поради што и била повикана екипа на Брзата помош.
Целата акција била спроведена поради сомневање за кривичното дело фалсификување и уништување деловни книги.
Скриншот од видеото објавено на Фејсбук
„Основното јавно обвинителство Битола побара од Основниот суд во Битола да се издаде наредбата со цел обезбедување предмети од кривично дело. Судот ја ценеше основаноста и го прифати барањето за претрес, по што ОВР Демир Хисар во текот на вчерашниот ден извршило претрес на трите локации, а за претресите и евентуално пронајдени и одземени предмети сè уште нема доставено официјално писмено известување до обвинителството. Законската процедура за обезбедување наредба за претрес на дом и други простории е во целост испочитувана. Спроведувањето на наредбата е во надлежност на полициските службеници. Основното јавно обвинителство Битола нема издадено наредба за приведување или итен распит на лице во конкретниот случај“,
се вели во соопштението од Обвинителството.
Во соопштението не се споменува дека директорката треба да биде однесена во полициска станица, на што инсистирал полицискиот началник.
Ова за опозицијата е, како што велат од СДСМ, потврда дека режимот се вратил и дека целта е да се смени директорката во пресрет на распишувањето на локалните избори.
„Ова е сликата на секој режим, полиција ставена во функција на политички притисок и незаконско разрешување на директорка во средно училиште, со единствена цел пред избори да постават партиски кадар на ВМРО-ДПМНЕ. Сега на граѓаните им е кристално јасно зошто беа измените на Законот за полиција и Законот за внатрешни работи кои ги спроведе Панче Тошковски, за целосна партизација на полицијата, политички прогон и злоупотреба во партиски цели на ВМОР-ДПМНЕ. Полицијата станува продолжена рака на ВМРО-ДПМНЕ, а жртви се граѓаните. Денеска е директорка на средно училиште, утре некој друг“,
пишува во соопштението на СДСМ.
Подоцна во денот, опозицијата одржа прес-конференција на која побара прекин на, како што го нарече, прогонот против директорката Лозановска.
За настанот се огласи и МВР. Во соопштението се наведува дека се постапувало по судска наредба и дека однесувањето на полицајците за време на претресот ќе биде разгледувано од одделот за внатрешна контрола.
„На 08.08.2025, по претходна пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело по член 390 од Кривичниот законик – Одземање или уништување службен печат или спис врз основа на наредба од Основен суд Битола, во периодот од 19:25 до 20:20 часот, полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Демир Хисар, во присуство на адвокат, извршиле претрес во домот на М.Л. (57) од Демир Хисар. Исто така, со судска наредба, во периодот од 20:45 до 21:30 часот бил извршен претрес и во службените простории во средно училиште кои ги користи М.Л. Во однос на реакциите на јавноста поврзани со постапувањето на полициските службеници за време на претресот, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди презема соодветни мерки и активности од своја надлежност за што дополнително ќе ја известиме јавноста“,