Во двете општини на гласањето на 19 октомври не излегоа најмалку една третина од гласачите запишани во избирачкиот список, што е услов за изборите да бидат успешни. На претходните локални избори немаше таков проблем во Гостивар и Врапчиште
В.д. градоначалникот на Гостивар од редовите на НАИ, кој ќе победеше убедливо уште во првиот круг ако на гласање излезеа уште 21 гласач, вели дека причината што не е достигнат цензусот е непрочистениот избирачки список но и можниот бојкот на гласањето од политичките опоненти. Градоначалникот на Врапчиште, кој освои над 90% од гласовите од тие што гласаа во неговата општина, е подиректен – ја обвинува Владата, премиерот и владејачките партии дека намерно го саботирале процесот кој знаеле дека ќе го изгубат
Во четири општини во северозападниот дел на Македонија изборите за градоначалник не беа успешни. Во Центар Жупа, Маврово и Ростуше, Гостивар и Врапчиште изборна постапка треба да се повтори зашто на гласање не излегоа минимум една третина од вкупниот број гласачи запишани на избирачкиот список.
Општина Центар Жупа е со најниска излезеност од 21,49 отсто. Многу слаба излезеност бележи и Општина Врапчиште – 25,18 отсто. Во Општина Маврово и Ростуше гласале 30,31 отсто. Во Општина Гостивар, пак, 33,31 отсто и според анализите, изборите таму не успеале за само 21 глас.
Но, ако се споредат бројките од електронскиот систем на Државната изборна комисија за излезеноста во првиот круг од претходните локални избори, не може, а да не се каже дека и пред четири години Центар Жупа и Маврово и Ростуше имаа проблем да изберат градоначалник. Така што, нов феномен се Врапчиште и Гостивар.
Прво бевме таму каде што не успеа за малку – да ги прашаме гостиварци зошто? Низ градот не забележавме ниту еден билборд на кандидатите за градоначалник, освен неколку банери на Демократската партија на Турците.
„Граѓаните се веќе иселени, сите се надвор. Живеат надвор од Македонија. И затоа.“
„Друга причина – можеби сакаа да пуштат порака до државата дека нешто не вреди овде.“
„Би требало да се опаметат малку големците политичари, тие што ја водат големата политика. Гостиварци не дека не излегоа. Големците, водителите на партиите, тие го правеа тоа“,
велат жителите на Гостивар со кои поразговаравме.
Резултатот од неуспешните избори во Гостивар е следен – Ваљабон Лимани, кандидатот на Националната алијанса за интеграција и кадар на партијата на Арбен Таравари, доби 61,39 отсто од гласовите. Себаедин Даути, кандидат на ВЛЕН, освои 15,29 отсто. Дарко Грујоски од Левица – 10,35 отсто, а независниот Висар Адеми – 5,10 отсто.
За ваквиот исход најмногу жали кандидатот на Националната алијанса за интеграција и актуелен в.д. градоначалник Ваљбон Лимани. Ако на гласање излезеа уште 21 гласач, тој ќе победеше. Смета дека еден од факторите за неуспехот на изборите е избирачкиот список кој, според него, не е прочистен како што треба.
„Еве, за илустрација, во едно мало село, по изборите кога анализиравме, околу 20 души што се починати повеќе од една година сè уште стојат на тој избирачки список. Бројката е голема во однос на тоа колку навистина има жители во Гостивар и колку навистина имаат право на глас. Потоа, сигурно дека има дел од луѓето кои во знак на некаков револт за сето тоа што ни се случува во државата, не само во нашиот град“,
вели Ваљбон Лимани – кандидат за градоначалник на Гостивар од НАИ.

Но, како фактор го додава и можниот бојкот на изборите, по повик од политичките ривали.
„Имаме индиции дека на некои луѓе им било пренесено во текот на изборниот ден да не излегуваат на гласање – подобро би било. За тоа нема да навлегувам и нема да прејудицирам. Времето ќе покаже најдобро зошто сето ова се случи“,
додава тој.
Кога една општина не може да избере градоначалник бидејќи не е надминат минималниот праг на одѕив, праксата беше Државната изборна комисија да ја извести Владата, а таа да постави повереник што ќе ја извршува градоначалничката функција до избор на нов.
Лимани, кој потсетуваме во моментов е в.д. градоначалник на Гостивар, не се согласува со евентуалната таква постапка.
„Јас сум избран на 8 јули 2024 година од Советот на Општина Гостивар и согласно Законот за локална самоуправа, член 4, треба истата функција да ја извршувам до изборот на нов градоначалник. Тоа е со последните измените на Законот за локална самоуправа што беа направени од оваа Влада“,
смета Лимани.
Второпласираниот кандидат за градоначалник на Гостивар, Сeбaeдин Даути од ВЛЕН, смета дека слабиот одѕив на гласачите се должи на лошиот локален квалитет на живот и иселувањето. И тој вели дека имало влијанија врз гласачите, но поинакви.
„Ние гледавме дека по 16-17 часот, гледавме дека од противкандидатот односно од нивните партии и лидери имаше големи активности во однос на тоа да излезат луѓето и да гласаат затоа што тие знаеле дека нема да се постигне цензусот. Ние тоа не го знаевме. Барем за Гостивар сметавме дека ќе има цензус. Имајќи ги предвид последните четири години, кога беа локалните избори. Меѓутоа, за овие четири години голем дел од населението се исели. И заради тоа можеби ние не сметавме дека нема да има цензус. Мислевме дека нема да има проблем околу цензусот. Во избирачките списоци, јас сум слушнал дека има починати лица кои сè уште стојат во избирачките списоци меѓутоа тоа е задача на ДИК и на другите државни органи кои треба да го прочистат избирачкиот список“,
смета Себаедин Даути – кандидат за градоначалник на Гостивар од ВЛЕН.

Даути е правник и во моментов е нотар. Бил на различни позиции во правосудниот систем и во Одделението за внатрешни работи во Гостивар.
Од таа позиција, спротивно на неговиот противкандидат, толкува дека Владата треба да постави повереник на чело на Општината. Тоа, додава, ќе ги прекине и сегашните злоупотреби и притисоци.
„Ние го видовме, во секој нивен настап каде присуствуваа луѓе од Општина Гостивар. Реално не би требало така да биде. Секој треба да одлучи за себе дали треба да биде или не треба да излезе. Истото нешто го имаше и со јавните установи. Сите наставници и професори требало да бидете, да речеме, на нивните собири или да гласаат за нив. Тоа е јавна тајна и сите го знаат – притисокот што беше досега. Меѓутоа, ако се избере нов повереник, нормално дека работите ќе се сменат во голема мера“,
додава Даути.
Северно од Гостивар, во подножјето на Шар Планина, е Општина Врапчиште. Според пописот, има 19 842 жители. И стари и млади. Но, според избирачкиот список, има 27 262 гласачи.
Нема куќа што нема иселеници, велат мештаните. А тоа и се гледа низ Врапчиште – автомобили во центарот, кај општината, а сè останато – само празни сокаци.
„Разочарани се луѓето, веќе немаат очекувања од никого. Секој има своја работа. Не мислат на избори. Јас мислам дека нема интерес за општината, за Владата, за ништо.“
„Не се задоволни од градоначалниците. Затоа. До тука му е на народот веќе.“
„Не стигнав да гласам. Не беше намера, ама и да дојдев немаше многу да смени. Тука каде што требаше да гласам ние сме 200 и неколку луѓе во едно село, тука близу. Само 16 гласале. Од кои шест важечки, шест неважечки. Дали 12 или 16, не знам точно, ама чув дека е така.“
„Веројатно не им се допаѓаат кандидатите. Што друго би кажал.“
„360 степени“: Вие бевте да гласате?
„Бев.“
„360 степени“: Зошто вие бевте да гласате?
„Да платам долгот. Граѓански долг. Тоа е.“
Во Врапчиште имаше двајца кандидати за градоначалник. Актуелниот градоначалник Исен Шабани е кандидат на Националната алијанса за интеграција предводена од ДУИ. Тој освои 6 050 гласа. Негов противкандидат беше Мехмед Сефери од коалицијата ВЛЕН кој доби само 467 гласа.
Кандидатот на НАИ, Исен Шабани, од граѓаните бара трет мандат. За неуспехот да се достигне цензусот ја обвинува централната власт.
„Почнувајќи од премиерот, партијата што ја претставува премиерот, ВМРО-ДПМНЕ, и партијата ВЛЕН. Имајќи предвид дека според анкетите што ги имавме, на секоја анкета излегувавме со над 70 отсто како победници. Местото е многу мало и меѓу луѓето се зборува кои се анкетите. Ова беше добра и координирана причина, заедно со централната власт, да се бојкотира за да нема цензус и да се повторат изборите. За мене ова не е логично, бидејќи изборите ќе се повторат во рок од 60 дена и тоа ќе биде само дополнителен трошок за Општина Врапчиште“,
вели Исен Шабани – кандидат за градоначалник на Врапчиште од НАИ.

Шабани смета дека, според актуелните закони, Владата не може да постави владин повереник за да ја извршува градоначалничката должност туку, откако ќе се конституира Советот, тој треба да изгласа вршител на должност.
„Случај кога премиерот може да именува повереник на Владата е дури и ако во вториот круг, од која било причина, не се избере градоначалник на општината. Во рок од 15 дена Државната изборна комисија ја информира Владата дека немаме избори во вториот круг за градоначалник и тогаш премиерот може да именува повереник. Но, во конкретниов случај во Општина Врапчиште, немаме втор круг. Останавме во првиот круг и изборите се повторуваат од почеток. Не преминуваме во втор круг. Ги повторуваме изборите од почеток и тука треба да се конституира Советот. Советниците важат“,
смета Шабани.
Неговиот противкандидат Мехмет Сефери од ВЛЕН е адвокат кој вели дека се кандидирал за да се обиде да го подобри квалитетот на животот на граѓаните. Смета дека главната причина за слабиот одѕив е што, едноставно, нема луѓе. Втора причина, според него, е незадоволството на граѓаните.
„Никој не ги има во џеб овие гласови. Никој не може да командува или да му нареди на граѓанинот да излезе и да гласа за овој или за овој. Ние пробавме со програма ама јас видов дека населението не е премногу заинтересирано за овие избори и тоа не е вистина дека ние сме влијаеле, условно речено, македонските гласови и ден денеска во село Зубовце има азбестни цевови. Не се сменети. Луѓето немаат вода, пијат вода од азбестни цевови, во Врапчиште имало случаи по три месеци да нема вода, канализацијата излегува на улица. И во други села. Имаме проект финансиран од Светска банка, не е завршен, не е пуштен во употреба во село Добри Дол“,
вели Мехмет Сефери – кандидат за градоначалник на Врапчиште од ВЛЕН.

Сефери смета дека сега на чело на Општина Врапчиште треба да биде поставен владин повереник бидејќи, според него, така налага законот. За ставот на неговиот противкандидат Шабани, вели дека не кореспондира со законите, туку повеќе личи на емоционална изјава.
По поплаките за непрочистен избирачки список, што директно влијае на прагот за излезност, се обративме до Државната изборна комисија. Институцијата врши запишување, дополнување и бришење во Избирачкиот список. Оттаму појаснија дека ја вршаат таа надлежност…
„…врз основа на податоци од матичните книги, евиденцијата за живеалиште и за државјанство на Македонија“,
велат од ДИК.
Поконкретно, за бришењето починати лица, велат процесот тече на начин што…
„Управата за водење на матични книги до ДИК доставува податоци за граѓаните со наполнети 18 години живот кои починале, и тоа во редовна постапка 4 пати годишно, додека за време на изборен период податоците се доставуваат во рок од 48 часа од денот на распишување на изборите“,
додаваат од ДИК.
Од ДИК дообјаснија и дека има начини самите граѓани и партии да пријават починати гласачи, но во одговорот директно не посочија – кој е виновен што на списокот има лица кои се починати подолго време.
Тоа прашање нема да биде решавачко при повторените избори во Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше. Според измените на Изборниот законик што стапија на сила во март минатата година, не се бара цензус од најмалку една третина од запишаните избирачи кога изборите за градоначалник се повторуваат.
