Предизвикот на стендап-комедијата како жанр е многу интересен зашто стендап-комедијата во основа е да коментира и да критикува. Ние како општество сме навикнати на еден хумор – сакаме да се смееме, ама секогаш на туѓа сметка. Сакаме да се смееме, ама да не сме ние поврзани со тоа. А баш оваа тема – мито и корупција е тема која ја живееме од најмали нозе, од запишување во градинка до барање на наставничка да пишува поголема оценка за детето, вели актерот Марјан Георгиевски
Кого се треба да почестиш за раѓање дете? Каде да ургираш за прием во градинка и училиште? Како би изгледало патувањето во вселената ако политичките партии од земјава одлучат да ја освојат планетата Марс?
Преку интерактивен стенд-ап перформанс, актерот Марјан Георгиевски дваесетина минути ја анимираше публиката пред „Школка“ во Градскиот парк во Скопје. Темата беше широко распространетата корупција во општеството, а настанот се одржа во рамки на фестивалот наречен „Не е веќе смешно“.
„Мито и корупција да речеш во Македонија, тоа ти е една способност што си ја носиш во себе од раѓање. Тоа не го разбираме ние како мито, корупција, тоа ти е способност што ја развиваме сите овие години. Тоа е способност што ја има Македонецот во себе, а таа способност се вика – снајди се.
Еве, син ти се раѓа на пример. Одиш в болница, чекаш. Жена ти, кренати нозете, брка работа таму, со сите работи, данк и во еден момент излегува сестрата и ти прво што правиш, вадиш сто евра. Од што ти е ќејф прво. Таа кога ќе ти рече замотана му беше папочната врвца околу вратот јас го спасив, уште сто евра плус. Па да, сакаш да се отсрамиш со жената, ти помогнала. Од тука почнува моментот“,
беше дел од перформансот на актерот Марјан Георгиевски.

На антикорупцискиот фестивал свој стенд-ап настап имаа и актерите Бојан Велевски, Јован Цветковски и Надица Петрова.
„Ми викаат – не наставничке на македонски, веќе не се модерни, сега ние на англиски учиме. Ќе ти кажеме ние, имаме брзозобрка на англиски јазик. На Тик-ток ја има. Ове ви е англиски како Заев да ја пишувал. Вака, ова треба да го запамтите ако сакате да сте во тек. ‘I no study, I no care, I go marry millionaire, if he die, i no cry, I go marry another guy’. Ги гледам и не знаев дали да плачам или да се смеам“,
Абе што правиме со децава, бе? Од мали ги учиме на корупција! Еве, последно читам некоја статија, вработени во Врховниот суд се фатени како примаат награда. Од кога бе го сменивме тој збор, награда бе“,
кажа актерката Надица Петрова во својот настап.

Дел од граѓаните кои случајно го забележаа стенд-ап шоуто на комичарите останаа да го изгледаат до крај.
„Баш реално ја отсликува ситуацијата како што е, на хуморен начин.
-Што мислите вие колку е навлезена корупцијата во општеството во Македонија?
Многу, секаде многу. А што треба, треба кај сите да проработи таа совест дека што ќе се краде, за што, од кого крадеш, од народот, тоа е наш народ ние сме тука сите за да живееме подобро не да си правиме кражби и зло“,
вели една од присутните.
За темите, актерите велат дека се подготвувале од претходно. Дел од настапите веќе ги објавиле на Јутјуб, но имале и импровизации во зависност од тоа како реагира публиката.
„На темата се инспирирав, гледав нешто да биде мое и мене ми беше инспиративно баш зашто работам со деца и како различно ги воспитуваме децата, баш буквално ги учиме на корупција. На многу несвесно ниво. И тоа сакав да го кажам на некој смешен начин“,
вели Петрова.

И за Георгиевски изборот на темите бил голем предизвик. Внимавале доследно да ги прикажат болните точки во општеството, поврзани со менталитетот на граѓаните.
„Имавме неколку состаноци да ги дебатираме тие теми и да размислуваме овој материјал и овие теми кои што ги користиме за време на настап, луѓето ќе ги доживеат како хумор, како забава или ќе ги погодиме во некои болни точки што ќе ги почувствуваат како критика. Но, предизвикот на стенд ап комедијата како жанр е многу интересен зашто стенд ап комедијата во основа е да коментира и да критикува. Ние како општество сме навикнати на еден хумор кој е, сакаме да се смееме, ама секогаш на туѓа сметка. Сакаме да се смееме ама да не сме ние поврзани со тоа, а баш оваа тема – мито и корупција е тема која ја живееме од најмали нозе, од запишување во градинка до барање на наставничка да пишува поголема оценка за детето итн“,
вели Георгиевски.

Настанот, се разбира, не беше спонтан собир. Го организираше Младинскиот форум за соработка. Задоволни се од реакциите кои успеале да ги предизвикаат кај присутните.
„Добивме одлични повратни информации, граѓаните се сложуваат со тоа што го зборуваат стенд ап комичарите, дури и ги охрабруваат зашто не секој има храброст да зборува за корупција во државава, што е и нормално. Но стенд ап комичарите ја имаат таа можност и таа моќ – да низ својот формат да зборуваат, а притоа да не бидат притиснати од центрите на моќ и оние кои што се директно засегнати од корупцијата“,
вели Оливер Ромевски од Младинскиот форум за соработка.

Но, додава Ромевски, додека комедијата има моќ да се бори против корупцијата, не треба да се заборави кои се главните полуги против неа.
„Значи тие можат да раскажат една приказна за некого или за некој случај и едноставно таа приказна да разоткрие многу моменти од коруптивниот скандал или случај, а службите и сите оние кои се должни во државата да го процесуираат, тоа да го направат, но не поради комичарите, туку поради граѓаните и здравјето на општеството“,
додава Ромевски.
Настанот на „Школка“ во скопскиот градски парк е дел од поголем проект наречен „Граѓаните против корупцијата“ поддржан од УСАИД. Претходно, во рамките на истата иницијатива, имаше различни информативно-едукативни активности низ повеќе градови, вклучително и со младите од повеќе средни училишта.

Една од целите е со последиците од корупцијата да бидат сензибилизирани што повеќе граѓани, за ако некогаш бидат доведени во ситуација да им се бара или да дадат мито, да размислат дали е добро така да постапат и да знаат каде да пријават.