Политичките партии веројатно сè уште сметаат дека црната кампања може да им донесе повеќе гласови, но јас мислам дека токму црната кампања е причината поради која гласачите се помалку се одлучуваат да гласаат – ги одбива и ги демотивира да излезат, вели Наумовски
Универзитетскиот професор, но поранешен вицепремиер и амбасадор Васко Наумовски вечерва во дебата на „360 степени“ рече дека предизборната кампања на политичките партии не покажа ништо ново и поразлично од претходните изборните циклуси. Тој вели дека и сега била застапена црната кампања, за која смета дека само ги демотивира граѓаните да излезат на гласање.
„Политичките партии веројатно сè уште сметаат дека црната кампања може да им донесе повеќе гласови, но јас мислам дека токму црната кампања е причината поради која гласачите се помалку се одлучуваат да гласаат – ги одбива и ги демотивира да излезат. Меѓутоа, партиите сè уште мислат дека еден дел треба да биде и на тој тип на водење на кампања. Нискиот одѕив што го имавме на изминатите парламентарни избори мислам дека ќе се повтори и сега, што е еден показател дека понудата што партиите ја доставуваат до гласачите не е доволно добра да ги мотивира да излезат“,
вели Наумовски.
Според него, нискиот одѕив кој се предизвикува од тие црни кампањи, традиционално оди кај власта, бидејќи, како што вели, таа ги има инструментите да мотивираат одреден број од гласачите да излезат и за жал ги имаат оние инструменти што значат притисок врз гласачите. Тој смета дека доколку одѕивот е поголем, би одел во прилог на опозициските партии.
Дополнително, Наумовски го спомена и зголемениот број на независни кандидатури за градоначалници и советници и вели дека тоа покажува оти се шири перцепцијата дека е отворен простор за нови играчи на политичката сцена.
„Мислам дека во неколку општини ќе имаме изненадувачки резултати поврзани со овие независни кандидатури. Од друга страна, во однос на самата кампања не видовме ништо драматично различно од минатите изборни циклуси и дека динамиката која сме ја гледале на некои избори во минатото или пак во некои од соседните држави не ја видовме сега. И владејачките и опозициските партии би рекол дека имаа една своевидна здодевна кампања“,
вели Наумовски.