Откако 20 земји-членки на Алијансата за помалку од 6 месеци го потпишаа протоколот за прием на С. Македонија, врвот на НАТО е оптимист дека е можно до Самитот во Лондон закажана за почетокот на декември земјава да стане 30 полноправна членка. Со ваква проценка денеска во Скопје излезе и Антони Мисироли, помошник-генерален секретар на НАТО задолжен за безбедносни предизвици.

„Сите се радуваме да ве поздравиме како 30 земја-членка на нашата Алијанса за што се надеваме дека е можно да се случи веќе на Самитот на кој ќе се одбележува 70-годишнината од формирањето на НАТО во Лондон на почетокот од декември. Така што би можел да кажам дека ќе бидеме 30-мина на 70-годишнината. Во наредните месеци до комплетирањето на пристапниот процес, клучна ќе биде посветеноста на С. Македонија за продолжување на реформите во делот на безбедноста, разузнавачките служби, одбраната и владеењето на правото“,
изјави помошникот-генерален секретар на НАТО, Мисироли.