Пред само три месеци, судската власт избра в.д. претседател на судот на Охрид согласно членот 89 од Законот за судовите кој предвидува – по автоматизам да се избере оној кој имал најмногу бодови на последното оценување. Денеска, тој принцип стана „збунувачки“, па за в.д. претседателка на Основниот кривичен суд во Скопје беше избрана Даниела Димовска, која беше 11-та на ранг-листата според последното оценување
Најжесток во реакциите беше судијата од Кривичен, Ненад Савески. Тој и се обрати на Антоанета Димовска, членка на Судскиот совет избрана со гласови од судиите, да си оди од функцијата. Брука сте, кој ви даде право во наше име да кршите закони, и порача Савески на колешката
Судскиот совет денеска беше местото каде свечена изјава даде судијата Африм Фидани со што официјално стана претседател на Врховниот суд.
Веднаш до него се заколна и судијата Хаџо Тариќ, кој ќе раководи со Основниот суд Крушево.
Фидани ја даде заклетвата по повеќе од еден месец откако беше избран на функцијата на седница на Судскиот совет.
„Основен приоритет ќе биде, се разбира, враќање на довербата на граѓаните во судството. Тоа ќе се реализира преку зголемување на транспарентноста на судот и отчетност“,
рече Африм Фидани – претседател на Врховен суд.
Веднаш по нив, заклетва дадоа и судиите Марија Клетничка-Марковска, Оља Ристова, Иван Џолев и Бетим Јахја. Тие беа унапредени во судии во Апелацискиот суд Скопје за кривичната област.

Бидејќи Иван Џолев до изборот во повисок суд беше претседател на Кривичниот суд, се создаде потреба таа позиција веднаш и да се пополни.
Тоа се прави со поставување вршител на должност, додека на конкурс да се избере нов претседател.
„Координаторот очекувам да предложи кандидат за в.д. претседател. Ги имавме предвид Законот за судовите, Законот за Судски совет, деловникот што го имаме за работа. Според Законот за судовите, знаете дека според членот 89 се бира највисоко рангираниот од последната година. Меѓутоа, имаме мала неусогласеност со Законот за Судски совет бидејќи тој е понов закон. Таму оценувањата ги вршиме на секои четири години. Така што, ние сега, за последнава година, немаме податоци за ниту еден судија“,
рече Александар Камбовски – претседател на Судски совет.
Оваа изјава на претседателот Камбовски дадена пред седницата, практично ја повтори членката на Судски која е и координаторката за Кривичниот суд, Данка Ристова, на самата седница. Таа рече дека одредбите од двата закона се судираат, па се повика на Деловникот за работа на Судскиот совет во кој, како што рече, стои дека за в.д. претседател се бира судија што е позитивно оценет од Советот.
„И самиот закон за Судски совет има наведено дека Судскиот совет судијата може да го оценува позитивно или негативно. Од тие причини, во консултација со членови од Судскиот совет, се разбира 13 члена сме, сите имаме свое видување на работите, сметам дека сите судии што се во Кривичниот суд се позитивно оценети, немаме податоци дека некој е негативно оценет, и влегуваат во составот од кој ќе бираме вршител на должност“,
смета Данка Ристова – членка на Судски совет.
Па така, за в.д. претседателка на Кривичен ја предложи судијката Даниела Димовска, за која рече дека со нејзините способности ќе одговори на предизвикот да го води овој суд.

Дека Димовска ќе биде добар менаџер со Кривичен, смета и членката на Судскиот совет, Антоанета Димовска, која рече дека ѝ била менторка и лично добро ја познава.
„Била демонстратор на Правниот факултет, потоа практикант во парламентот. Кога дојде во судот јас да ѝ бидам ментор, неа ѝ недостасуваше судско искуство. Теоретски беше многу поткована. Меѓутоа не сум видела човек со поголем ентузијазам и со поголема желба тоа да го научи, што го направи многу успешно“,
рече Антоанета Димовска – членка на Судски совет.

Со ваквата постапка за избор на вршител на должност не се согласи членката на Судскиот совет, Тања Чачарова-Илиевска, која рече дека на таа позиција треба да биде избран најдоброоценетиот судија според последното редовно оценување.
„Не гледам зошто сега, тоа што сте биле ментор на кандидатот предложен од координаторот, вам ви е критериум за да прескокнеме десет судии во тој суд со поголем број бодови од предложениот кандидат и да одиме на единаесеттиот зашто има одлични менаџерски способности“,
реагираше Тања Чачарова-Илиевска – членка на Судски совет.

Таа се повика и на досегашната пракса на Судскиот совет за избор на в.д. претседатели на судови. Пред само три месеци, Судскиот совет избрал в.д. претседател на судот во Охрид по сосема друг принцип од денешниот, покажува видео архивата.
„Највисока оценка има Бојан Мартиновски, 196 бода и затоа за в.д. претседател на Основниот суд – Охрид го предлагам истиот“,
рече Павлина Црвенковска – членка на Судски совет, на седницата број 517 одржана на 10 март 2025 г.
И претходно, на пример, во август 2024 година, се бирало на тој начин. Тогаш в.д. претседател на Основниот суд во Велес.
Предлагач на најдоброоценетите судии и тоа според членот 89 од Законот за судовите бил токму актуелниот претседател на Судскиот совет, Александар Камбовски.
„Тројца колеги има со најмногу поени. Шевшет Адеми, Валентина Ѓоргиевска и Аница Теова. Па, би можела еве Валентина Ѓоргиевска. Двесте бода има. Од овие тројца што ви ги прочитав, сите имаат по двесте бода“,
рече Александар Камбовски – член на Судски совет на седницата број 496 одржана на 26 август 2024 г.
Го прашавме Камбовски зошто Советот овој пат не се водеше по оваа практика.
Камбовски: „Не е баш таква праксата на Судскиот совет. Во изминативе пет-шест години, туку обратно беше процедурата. Во најголем дел го избирал Судскиот совет тој што ценел дека ќе ја извршува таа должност соодветно и праксата во поголемиот дел е таква како што ви кажувам.“
„360 степени“: Што мислите за коментарот на членот на Судскиот совет кој реагираше дека скокате десет судии од рангираните?
Камбовски: „Не скокаме бидејќи нема рангирање при избор на вршител на должност. Не постои рангирање.“

Инаку, за судијката Даниела Димовска, која денеска беше избрана за в.д. претседателка на Кривичниот суд, има медиумски објави дека била во кабинетите на тројца функционери на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието. Нејзиниот сопруг, пак, Тане Димовски бил во секторот за образование, спорт, култура и социјална заштита на Општина Аеродром, а оттаму си оди по заминувањето на тогашниот градоначалник Тимчо Муцунски во Министерството за надворешни работи, каде сега е национален координатор за странски директни инвестиции.
Претседателот на Судскиот совет, Камбовски не смета дека Димовска е избрана за в.д. претседателка бидејќи е блиска до власта.
Камбовски: Не, воопшто. Таа си има свој професионален живот, не може да ја врзуваме за тоа што го работи сопругот. Не може да ставаме знак на равенство помеѓу сопруг и сопруга. Што треба сега, колешката да си даде отказ и да не работи повеќе бидејќи мажот ѝ во моментов е на некаква, не знам и дали има функција?“
„360 степени“: Со оглед на ваквиот начин на избор на в.д. претседател на Кривичен, дали сметате дека на овој начин можете да ја вратите довербата во судството?
Камбовски: Да, апсолутно. Ќе си докаже колешката дали сме направиле вистински избор или не. Ако не се докаже, ќе биде сменета. Не е таа таму поставена доживотно на таа позиција. Гаранција нема никој сто проценти во ништо.“

За изборот на Даниела Димовска за в.д. претседателка гласаа десет од присутните 12 членови на Судски. Против беа Тања Чачарова-Илиевска и Ивица Николовски.
Уште за време на седницата, реагираше судијата во Кривичниот суд, Ненад Савески директно до членката на Судскиот совет, Антоанета Димовска. Таа е избрана во судската влада преку гласови на судиите. Пораката што ѝ ја испратил ја објави јавно.
„Срам сте за судиите кои гласале за вас! Кој ви даде право во наше име да кршите закон? Зошто постапуваш спротивно на чл. 89? Зошто согласно законот не го бирате најдобро оценетиот судија? Или за тебе законот е најмалку битен? Таму кај што седите нè претставувате нас, судиите! Зошто најсветото нешто за нас судиите го газите? Немате право на тоа! Противправно однесување е недозволиво за некој што е судија! Одете си од таму веднаш и престанете да им штетите на судиите! Брука си! Брука за судиите и за вашето семејство во кое сите се правници“,
пишува Савески во пораката до Димовска.
Реагираше и Коалицијата „Сите за правично судење“, невладина организација која реедовно ги набљудува седниците на Судскиот совет.
„Праксата на Судскиот совет во поглед на непочитување на законските одредби од Законот за судовите, како и непочитување на одредбите за давање на јасни аргументи и образложенија на одлуките продолжува да биде применувана од страна на Советот… За жал, повторно мораме да констатираме дека Судскиот совет носи необразложени одлуки кои воопшто не се поткрепени со аргументи, што јасно укажува на недостигот на волја, свест и капацитет за исполнување на препораките од Оценската мисија на ЕУ“,
реагираа од Коалиција „Сите за правично судење“.
Досега нема реакција ниту од избраната Даниела Димовска ниту од прозваната Антоанета Димовска.