Најголемиот дел од светските метрополи годинава ги забранија или ограничија прославите за дочекот на Нова година и на отворено. Така, вообичаените забави на плоштадите или ги немаше или беа помали. Но, тоа не ги спречи властите во многу градови да ги организираат традиционалните огномети.
Како и секоја година, огномет прават илјадници градови, но во некои метрополи тој е издигнат на ниво на уметност.
Еден од најспектакуларните огномети и годинава беше оној во Сиднеј, Австралија. Разлика беше што бројот на граѓани кои го следеа огнометот од пристаништето беше ограничен.
Во Тајпеј, Тајван, се одржа и прослава и традицонален огномет. Централна точка на шоуто беше облакодерот „Тајпеј 101“.
Огномет кој ќе се памети подготви и Дубаи, во Обединетите Арапски Емирати. Како што „Тајпеј 101“ беше централна тема во Тајпеј, така во емиратот огнометот беше фокусиран околу највисоката зграда на светот „Бурџ Калифа“.
Бројките на гледачи беа ограничени и во Каиро. И покрај тоа, главниот град на Египет подготви огномет за паметење.
Огнометот во Лондон можеби не беше еден од најголемите, но секако понуди дополнителни содржини. Освен експлозии на звук и светло, шоуто беше испреплетено со настаните кои ја одбележаа годината, од наглото свртување кон онлајн работа и настави до трендовите за расна еднаквост.
