Кога членови на едно семејство упаднале во имотот на друго семејство, биле испукани повеќе од 2 000 куршуми, некои од нив од автоматско оружје и пушки сачмарки. Во првите полициски извештаи пишува за смртта на 57-годишна жена и 39-годишен маж, додека „битката“ сè уште траела во околината на местото

Две лица се мртви, а бројот на ранети сѐ уште не е точно утврден во „војната“ меѓу две семејства што ескалира денес во селото Вориција на грчкиот остров Крит, недалеку од Ираклион, јавуваат грчките медиуми.
Кога членови на едно семејство упаднале во имотот на друго семејство, биле испукани повеќе од 2 000 куршуми, некои од нив од автоматско оружје и пушки сачмарки.
Во првите полициски извештаи пишува за смртта на 57-годишна жена и 39-годишен маж, додека „битката“ сè уште траела во околината на местото.
Полициските информации говорат за кавга меѓу две семејства од непозната причина. Според досегашните извештаи на локалните медиуми, има најмалку 15 ранети. Постојат информации, кои не се потврдени од официјални извори, дека е убиено и трето лице.
Вооружениот конфликт избувнал неколку часа откако била минирана семејна куќа во изградба. Според некои информации, жената починала од срцев удар поради стресот од самиот настан, а има и информации дека таа претходно била ранета со огнено оружје.
Дел од жителите на селото успеале да си заминат од него, а други, пак, се заклучиле во своите домови додека се слушале рафални истрели.
Околу пладне специјалните сили на грчката полиција влегле во селото, по што престрелката престанала и било избегнато понатамошно крвопролевање.
Сепак, „војната“ меѓу двете семејства продолжила во околината на местото, а според некои жители се слушале истрели и натаму во текот на денот. Началник на грчката полиција е на пат со засилување кон селото во кое локалните полициски сили вршат претреси по куќите.
Неодамна 23-годишен маж застрела и уби 52-годишен човек на селски фестивал во западен Крит каде што нелегалното поседување оружје е вообичаено, а крвните одмазди се чести. Селските фестивали и свадбите често завршуваат со слични настани.
