Според првичните извештаи, се претпоставува дека експлозијата, а потоа и пожарот што настанал, биле предизвикани од истекување гас додека цистерна полнела резервоар за гориво на бензинската пумпа
Најмалку 45 лица се повредени, од кои две потешко, во силна експлозија на безинска пумпа што денеска се случи во главниот град на Италија, Рим, пренесоа светските медиуми.

Во експлозијата на безинската лоцирана во работничката населба Пренестино, според извештаите на италијанските власти, повредени се 24 цивили од населбата, како и 21 вработен во службите за итни случаи, од кои 12 полицајци и шест пожарникари.
Повредените се пренесени на лекување во локалните болници, а двајца од нив се во критична состојба поради тешките изгореници.
Веб-страницата „Рома тудеј“ објави фотографија на која се гледа голем оган и чад што се издига кон небото, а од други снимки објавени од противпожарната служба во градот се гледа речиси целосно уништената бензинска пумпа.
BREAKING: Large explosion at gas station in Rome, Italy, injuring at least 10 people – ANSA pic.twitter.com/h5L6nD1AaC
— BNO News Live (@BNODesk) July 4, 2025
Силната експлозија, која се случи рано наутро, ги застресла прозорците на многу згради во италијанската престолнина.
Според првичните извештаи, се претпоставува дека експлозијата, а потоа и пожарот што настанал, биле предизвикани од истекување гас додека цистерна полнела резервоар за гориво на бензинската пумпа.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони им се заблагодари на полицијата, пожарникарите и другите служби за итни случаи за интервенцијата на местото која спречила трагичниот настан да добие поголеми размери. Од нејзиниот кабинет соопштиле дека таа со внимание ги следи случувањата по експлозијата.
„Беше како да експлодирала бомба“,
изјавил командантот на регионалната противпожарна служба Енио Аквилино за АФП.
Спортскиот центар, кој е домаќин на летен младински камп и се наоѓа спроти бензинската станица бил евакуиран пред експлозијата, изјави претставник на центарот во видео на Фејсбук.
Пожарот, како што пренесе ХРТ, се проширил и на блискиот магацин, а ударниот бран од експлозијата ги оштетил блиските згради.
Инаку, како што потсетува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ), во декември лани пет лица загинаа во експлозија во складиште за гориво на италијанската енергетска групација „Ени“ во близина на Фиренца.
И бензиската пумпа која експлодира денеска го носела логото на оваа групација, но од компанијата соопштиле дека тие не се сопственици на објектот.