Засега не се знаат причините за експлозијата што одекнала додека голем број луѓе чекале пред објектот за гориво, кое им било ветено. Нагорно-Карабах се соочува со недостиг на гориво поради 10-месечната блокада од Азербејџан, што доведе и до недостиг на храна и вода, пренесува „Гардијан“ повикувајќи се на сепаратистичките власти во регионот
Најмалку 20 лица загинаа, а речиси 300 се повредени во силна експлозија во складиште за гориво во регионот Нагорно-Карабах, јавуваат светските медиуми. Експлозијата, како што пишува „Гардијан“, се случува во период додека илјадници етнички Ерменци го напуштаат регионот откако азербејџанската војска воспостави целосна контрола врз него во молскавичната операција минатата недела.
Локалните ерменски власти, според медиумските извештаи, соопштиле дека 290 лица биле примени во болниците, од кои десетици сè уште се во критична состојба. Експлозијата се случи вчеравечер, во објектот лоциран во близина на регионалниот главен град Степанакерт.
Засега причините за експлозијата остануваат непознати.
Таа одекнала додека десетици луѓе чекале пред објектот за гориво, кое им било ветено. Нагорно-Карабах се соочува со недостиг на гориво поради 10-месечната блокада од Азербејџан, што доведе и до недостиг на храна и вода, пренесува британскиот весник, повикувајќи се на сепаратистичките власти во регионот.
Азербејџанската војска минатата недела во операција која траеше 24 часа ги неутрализира ерменските сили принудувајќи ги сепаратистичките власти во регионот да го положат оружјето и да започнат разговори за реинтеграција на Нагорно-Карабах во рамките на Азербејџан.
По акцијата и договорениот прекин на огнот, властите во Баку ветија дека ќе ги почитуваат правата на етничките Ерменци во регионот и ќе го обноват снабдувањето по 10-месечна блокада, но многу локални жители стравуваат од репресии и решија да заминат за Ерменија.
Ерменската влада соопшти дека повеќе од 13 550 жители на Нагорно-Карабах побегнале во Ерменија до денеска наутро.
Во евакуацијата, како што соопшти Москва, помагаат руските мировници распоредени во регионот. Во кампот на мировниците до вчера вечер останале околу 700 луѓе.
Експлозијата во складиштето за гориво, како што пишува „Гардијан“, се случила неколку часа по одржувањето на втората рунда разговори меѓу азербејџанските и претставници на ерменските сепаратисти во градот Хоџали, на север од главниот град на Нагорно-Карабах. Првиот круг од разговорите се одржа минатата недела.
Од кабинетот на претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, соопштија дека разговорите се одржале во конструктивна атмосфера и дека дискусијата се фокусирала на хуманитарната помош за регионот и медицинските услуги.
Министерството за одбрана на Азербејџан вчера соопшти дека двајца војници загинале еден ден претходно кога воен камион наишол на нагазна мина, без да прецизира во која област се случила експлозијата.
Во обраќањето до нацијата во неделата, ерменскиот премиер Никол Пашинјан рече дека неговата влада работи со меѓународните партнери за да ги заштити правата и безбедноста на Ерменците во Нагорно-Карабах.
„Ако овие напори не дадат конкретни резултати, владата ќе ги пречека нашите сестри и браќа од Нагорно-Карабах во Република Ерменија со секаква грижа“,
рече тој.
Руските мировници се во регионот од 2020 година, кога со примирје со посредство на Русија заврши шестнеделната војна меѓу Азербејџан и етничките ерменски сили во Нагорно-Карабах.
Пашинјан и многу други во Ерменија ги обвинија мировниците дека не успеале да ги спречат непријателствата и да го заштитат ерменското население. Москва ги отфрли обвинувањата тврдејќи дека нејзините сили немале правна основа да интервенираат, особено по признавањето на Пашинјан на Нагорно-Карабах како дел од Азербејџан.