Министерот за одбрана на Јапонија, Шинџиро Коизуми, изјавил дека околу 480 лица се згрижени во воздухопловната база „Хачинохе“, како и дека 18 хеликоптери биле мобилизирани за проценка на штетите
Најмалку 20 лица се повредени во силниот земјотрес со јачина од 7,5 степени според Рихтеровата скала што денеска го погоди североисточениот брег на Јапонија и кој, според последните информации, предизвика цунами со бранови од околу 70 сантиметри.

Надлежните власти, поради јачината на потресот, како и опасноста од цунами, издадоа наредби за евакуакција на околу 90 000 жители од погоденото подрачје, иако, како што пренесува „Гардијан“, предупредувањата и наредбите подоцна биле намалени на ниво на совет до жителите.
Инаку, предупредувања за цунами беа издадени за префектурите Хокаидо, Аомори и Ивате, а бранови со висина од 20 до 70 сантиметри се забележани во неколку пристаништа, соопшти Јапонската метеоролошка агенција (JMA).
Цунами од 70 сантиметри е измерено во пристаништето Куџи во префектурата Ивате, јужно од Аомори, додека бранови високи до 50 сантиметри ги погодиле и другите крајбрежни заедници во регионот, додаваат од ЈМА.
Агенцијата за управување со пожари и катастрофи соопшти дека 23 лица се повредени, од кои едно потешко. Повеќето од повредените настрадале откако биле погодени од предмети што паднале од потресот, објави јавниот радиодифузен сервис НХК (NHK). Според извештајот, неколку лица се повредени во хотел во Хачинохе, додека едно лице во Тохоку било полесно повредено откако неговиот автомобил паднал во дупка.
Министерот за одбрана на Јапонија, Шинџиро Коизуми, изјавил дека околу 480 лица се згрижени во воздухопловната база „Хачинохе“, како и дека 18 хеликоптери биле мобилизирани за проценка на штетите.
Според јавниот радиодифузер НКХ, околу 200 патници останале заглавени на аеродромот „Њу Читосе“ на Хокаидо поради потресот.
Како што објави претходно Јапонската метеоролошка агенција, епицентарот на земјотресот бил на 80 километри од брегот на префектурата Аомори, на длабочина од околу 50 километри.
На јапонската скала за сеизмички интензитет, која е од еден до седум, денешниот потрес бил регистиран како „висок шест“ во префектурата Аомори.
Засега не се пријавени неправилности во работата на нуклеарните централни во регионот, управувани од „Тохоку електрик пауер“ и „Хокаидо електрик пауер“, соопштија од претпријатијата.
Сепак, како што навеле од „Тохоку електрик пауер“, илјадници протрошувачи останале без електрична енергија.
Јапонија е една земјите во светот што се најмногу изложени на земјотреси, кои се случуваат во просек на секои пет минути.
Сместена во опсегот на т.н. „Огнен прстен“, подрачје со голем број вулкани и океански раседи во дел од Тихоокеанскиот басен, во Јапонија се случуваат околу 20 отсто од земјотресите со јачина од 6 степени според Рихтеровата скала или повеќе.
