Покрај големиот број загинати, има и голем број повредени лица, а нивниот број се зголемува од минута во минута, пренесува шефот на самопрогласената Доњецка Народна Република, Денис Пушилин
Најмалку 25 лица загинаа во гранатирањето на пазарот во Донецк од страна на украинските сили, а најмалку 20 лица со повреди се пренесени во болниците и здравствените домови, вели шефот на самопрогласената Доњецка Народна Република, Денис Пушилин, на својот канал на Телеграм.
„Во моментов е потврдена информацијата за 25 загинати. Повредени се уште најмалку 20 лица, од кои две деца се во тешка состојба… Меѓу нив има и тешко повредени“,
се наведува во соопштението.
Донецк е главен град на самопрогласената република која од 2014 година секојдневно војува со украинските сили, а е на само 20 километри од линијата на фронтот. Официјална Москва го осуди нападот и го нарече „варварски и терористички“ чин на режимот во Киев.
Претходно денеска, шефот на Главната разузнавачка управа на украинското Министерство за одбрана, Кирил Буданов, изјави дека Украина не планира да ги запре нападите длабоко на руска територија, и покрај загриженоста на западните партнери на Украина за можен руски одговор.
Буданов кажа дека таквата храбра тактика на напади со беспилотни летала предизвикува загриженост кај некои од партнерите на Украина, кои предупредуваат дека може да предизвика поостар одговор од рускиот претседател Владимир Путин, можеби дури и со употреба на нуклеарно оружје.
„Не предвидуваме суштински промени во блиска иднина. Сè што направивме, ќе продолжиме да правиме и во иднина“,
рече Буданов и оцени дека оваа година ќе биде тешка за Украина.