Училиштата користат алтернативни алатки за онлајн-настава бидејќи националната платформа сè уште не е целосно во функција
На првиот училиштен ден „360 степени“ го посети основното училиште „Гоце Делчев“ во скопската Општина Центар
Со еден месец задоцнување од вообичаениот датум, денеска започна учебната година. Наставата се одвива со физичко присуство и онлајн, најавената Национална платформа сè уште е во фаза на тестирање, па училиштата користат различни алатки за наставата на далечина да може се реализира.
На првиот училиштен ден „360 степени“ го посети основното училиште „Гоце Делчев“ во центарот на Скопје. Директорката Наде Молеровиќ е задоволна од тоа како ја почнаа оваа нестандардна учебна година.
Наставата со физичко присуство, како што вели, се одвива според сите протоколи, а особено им е благодарна на родителите што ги подготвиле и добро ги информирале своите деца за тоа како треба да се однесуваат според здравствените препораки.
„Како колектив, бевме организирани, а пречекувањето на учениците кои ја следат наставата со физичко присуство се одвиваше според пропишаните протоколи. Родителите не влегуваа внатре, туку ги носеа дечињата само до влезната врата, а оттука ги преземаа наставниците и сѐ се одвиваше во најдобар ред“,
вели Молеровиќ.
Проблемот со интернетот во училиштето, за наставниците да можат да ги држат часовите од своите кабинети, го решиле вчера. Вели дека денеска повеќето успеале успешно да се поврзат со своите ученици.
„Во однос на онлајн-наставата, ние денеска според распоредот почнавме во 9 часот, затоа што физичкото присуство бараше секое влегување на учениците да биде со разлика од 10 до 15 минути, и тоа значи дека постојано имавме прилив на ученици. Откако сите влегоа на часови, започнаа наставниците од четврто до деветто одделение, секој во своите кабинети. За среќа, вчера успеавме да обезбедиме колку што е можно постабилен интернет. Проверувавме во сите одделенија да видиме како функционира и можам да кажам дека 92 отсто успешно се поврзаа со своите ученици“,
вели Молеровиќ.
Националната платформа, пак, која требаше да се користи како унифициран модел за учење на далечина низ сите училишта во земјата, денеска повторно не беше во функција, а училиштата бараат други алтернативни платформи за наставата да може да се реализира.
Според Молеровиќ, тие уште во јули биле подготвени новата учебна година да ја започнат преку платформата „Тимс“, иако подоцна се преориентирале на Националната платформа, а сега повторно се враќаат на првичниот план.
„Ние како тим моравме да се организираме и уште тогаш им кажавме на наставниците дека, доколку имаме проблем при поврзувањето или ако паѓа системот, секогаш можеме да најдеме алтернативна социјална алатка каде што тие ќе бидат достапни за своите ученици. Сега работиме со ‘Тимс’, бидејќи за оваа алатка веќе бевме подготвени“,
вели Молеровиќ.
Подготвувајќи се за работа на Националната платформа, наставниците немале доволно време за да ги подготват своите часови, затоа Молеровиќ вели дека на наставниците им е потребна поголема автономија за самите да ги изберат алатките, барем додека сите не бидат дигитално подготвени на солидно ниво.
„Апелирам, ако е можно, да се остави повеќе простор за да ја одберат алатката преку која сметаат дека ќе бидат најпродуктивни и каде што ќе се види ефектот од учењето“,
вели Молеровиќ.
За министерката за образование и наука Мила Царовска, за само еден месец во дигитализацијата на наставата, е направен децениски скок и соопшти дека во најголем дел од училиштата е почната онлајн-наставата, а некои училишта се доопремуваат со техничка опрема и со инфраструктура. Во овој дел, Царовска очекува условите да бидат исполнети со заложба и на градоначалниците.
„Предизвикот е пред сите нас и треба да покажеме дека образовниот систем може да се носи и во вакви вонредни околности. Ќе имаме многу предизвици, оваа година ќе биде поразлична и треба да бидеме флексибилни. Не сме тука затоа што сакаме, туку затоа што мораме“,
рече Царовска.
Таа денеска заедно со премиерот Зоран Заев го посети основното училиште „Јан Амос Коменски“ во Карпош и порача дека предизвиците за онлајн-наставата ќе се решаваат во од.
„Ќе направиме сè во рамки на нашите можности, способности и капацитети како држава, да не оставиме ниту едно дете што нема да ја почне школската година. Верувам дека ќе успееме, пред сѐ со буџетот на институциите, но и со солидарноста на компаниите – државни и приватни, како и на граѓаните што помагаат, да има еднаков третман на сите деца, без разлика дали живеат во селата, градовите или во главниот град“,
рече Заев.
Освен што наставата ќе се одвива дел со физичко присуство, а дел онлајн, таа ќе се емитува и на Македонската радио-телевизија, на македонски и на албански јазик.