Тошковски денеска бил во посета на компјутерскиот центар на „Безбеден град“ во СВР Скопје од каде порача дека се работи за успешен старт на проектот и дека се одвива според планираните параметри, а огромен број од возачите ги почитуваат сообраќајните правила

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва во видео-обраќање објави дека на првиот ден од официјалниот почеток на функционирањето на системот „Безбеден град“ регистрирани се околу 500 сообраќајни прекршоци.
Тоа за него е позитивен сигнал и им се заблагодари на граѓаните кои, како што рече, овозможиле драстично да се намали бројот на прекршоци.
Тошковски денеска бил во посета на компјутерскиот центар на „Безбеден град“ во СВР Скопје од каде порача дека се работи за успешен старт на проектот и дека се одвива според планираните параметри, а огромен број од возачите ги почитуваат сообраќајните правила.
„Денес сме први февруари, некаде околу 20 часот. Имаме значително намалување на бројката на сообраќајни прекршоци во споредба од пред два месеца кога започнавме со тест периодот. Имаме од прилика околу петстотини сообраќајни прекршоци што се констатирани од паметните камери и сакам да укажам една огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во сообраќајот бидејќи вие сте тие што овозможивте драстично да се намали бројката за два месеци, некаде од над 120 000 на 500 прекршоци. Вие сте тие што го намаливте бројот на повредени лица во сообраќајни незгодни некаде за околу 35 отсто на територија на СВР Скопје и вие сте тие што го намаливте бројот на смртни случаи настанати во рамки на сообраќајни незгоди од 11 на четири“,
рече Тошковски.
Министерот посочи дека за неколку часа се покажало дека може европските вредности да ги имплементираме во Македонија со поинаков пристап.
Инаку, од денеска, 1 февруари, почна да функционира системот „Безбеден град“ на територија на градовите Скопје, Куманово и Тетово, како и на коридорите 8 и 10, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Тоа значи дека ќе бидат санкционирани граѓаните што направиле прекршок детектиран од камерите на „Безбеден град“.
Ќе се детектираат четири типични сообраќајни прекршоци како непрописно паркирање, управување со брзина поголема од пропишаната, минување на црвено светло и управување возило со изминат рок на важноста на сообраќајната дозвола.
