Ковачевски пред почетокот на вонредниот НАТО-самит нагласи оти С Македонија како земја членка на НАТО веќе ја усогласи својата надворешна политика со ЕУ и ги донесе сите одлуки усогласени со земјите членки на НАТО и на ЕУ, со цел, како што рече, да го одвратиме она што Путинова Русија го прави во Украина, а во насока да им помогнеме на Украинците
Пред денешниот вонреден НАТО-самит во Брисел на кој ќе присуствува и делегацијата на С Македонија, одговарајќи на новинарско прашање, премиерот Димитар Ковачевски истакна оти на самитот меѓу другото ќе се говори за зацврстување на источното европско крило.
„И тоа се дискутираше на битните состаноци во НАТО, па во тој дел донесовме соодветни одлуки во поглед на зацврстување на источното крило и тоа секако ќе биде дискутирано на овој вонреден самит“,
истакна Ковачевски пред вонредниот НАТО-самит одговарајќи на прашањето дали смета дека НАТО треба да има поголемо учество во Источна Европа.
Тој, меѓу другото, потенцираше оти С Македонија веќе има понудено соодветна помош на украинскиот народ, а сега е време, како што нагласи и самиот, кога народот на Украина има потреба од помош од демократскиот свет.
„Денес сите сојузници на НАТО се обединети. Ќе ја понудиме нашата поддршка на народот на Украина, ќе останеме обединети. С Македонија како земја членка на НАТО веќе ја усогласи својата надворешна политика со ЕУ и ги донесовме сите одлуки усогласени со земјите-членки на НАТО и на ЕУ со цел да го одвратиме она што Путинова Русија го прави во Украина, а во насока да им помогнеме на Украинците ги донесовме сите потребни одлуки во земјата за да ги прифатиме сите бегалци кои би побарале засолниште во нашата држава“,
истакна Ковачевски пред почетокот на денешниот вонреден НАТО-самит.