На новиот градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Папазов, му се слоши за време на прес-конференцијата на партискиот лидер Христијан Мицкоски пред главниот штаб на партијата.
Околу 15 минути по стартот на прес-конференцијата, додека Мицкоски одговараше на новинарски прашања, а зад него стоеја новоизбраните градоначалници, Папазов колабираше, при што беше задржан од сопартијците кои беа во негова близина и беше спуштен на земја.
Мицкоски ја прекина прес-конференцијата, а на новинарите само им кажа дека градоначалникот е добар. Набргу, Мицкоски објави и заедничка фотографија со него, порачувајќи дека е во ред и оти интензивниот период досега си го зема данокот.
„Сè е во ред. Интензивен период беше и тоа си го зема данокот… Поминавме многу, ќе поминеме уште повеќе. Сложно и братски. А, тој ќе мора да вети покрај другите работи на кои сите се обврзавме денес, дека нема да го прескокнува појадокот“,
порача Мицкоски.
