За сите заинтересирани за посета на ски-центарот „Михајлово“, Јанчев информира дека јавното претпријатие „Градски превоз“ од Кавадарци почнувајќи од 1 јануари ќе врши превоз на патници по официјален возен ред

Од 1 јануари идната година ќе биде отворен нов скијачки центар „Михајлово“, на планината Кожуф во близина на Кавадарци. Отворањето на скијачката патека „Македонија“ е закажано за 11 часот.
Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, на својот фејсбук-профил информира дека покрај природниот снег што овие денови интензивно паѓа на Кожуф, на „Михајлово“ се подготвува и фрлање од топови на дополнителен вештачки снег.
„На 1 јануари од 11 часот, на првиот ден од новата година, во срцето на Кожуф планина ќе биде официјалното отворање на скијачкиот центар ’Михајлово’ и првата скијачка патека која ќе го носи името ’Македонија’“,
пишува Јанчев.
За сите заинтересирани за посета на ски-центарот „Михајлово“, Јанчев информира дека јавното претпријатие „Градски превоз“ од Кавадарци почнувајќи од 1 јануари ќе врши превоз на патници по официјален возен ред.
Градоначалникот додава дека зимската служба на ЈП „Комуналец“ е активна на терен и оти со четири возила се чистат патните правци кон селата Страгово, Бохула, Чемерско, Михајлово и Мрежичко, со цел безбедно одвивање на сообраќајот за сите кои гравитираат во овие делови.
