Против 57-годишниот З.С од Охрид поднесена е и кривична пријава

Пресечен е меѓународен канал за транспорт на дрога од Албанија во нашата земја во вредност од околу 300 000 евра, со што од слобода е лишено лицето З.С(57) од Охрид, информираат од МВР.
„Лицето З.С., управувајќи патничко возило „мерцедес“, со охридски регистарски ознаки, се упатил во с.Љубаништа, охридско, со намера да изврши неовластено пренесување на дрога и во близина на место викано „Ушине“ од албански државјани преземал пет големи платнени торби во кои имало марихуана во различни пакувања, во вкупна количина од околу 100 килограми“, се вели во соопштението на МВР.
Откако ја земал дрогата, З.С имал за цел да ја пренесе од Охрид до Скопје, но во раните утрински часови лицето било сопрено од страна на полициски службеници и дрогата била пронајдена.
Против 57-годишниот З.С од Охрид поднесена е и кривична пријава за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги“, се додава во соопштението на МВР.
