Возачот наместо да застане на даден знак, со голема брзина се дал во бегство, но полицијата за кратко време го фатила и при преглед во возило пронашла четири црни торби со вкупно 65 килограми марихуана и два телефонски апарата, велат од МВР
Поднесени се кривични пријави против две лица
Со оперативно-тактичка мерка „заседа” – вдолж автопатот „Пријателство”, во близина на Градско, полицијата вчера пресекла транспорт на марихуана. Оттаму соопштија дека заплениле поголема количина и уапсиле две лица против кои денеска се поднесени и кривични пријави.
Возачот наместо да застане на даден знак, со голема брзина се дал во бегство, но полицијата за кратко време го фатила и при преглед во возило пронашла четири црни торби со вкупно 65 кеси марихуана и два телефонски апарата.
„Полициските службеници од Oдделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР во содејство со САЕ Тигар, на наплатна рампа Стоби, забележале сомнително движење на патничко возило ‘сеат алтеа’ со скопски регистарски ознаки, при што возачот на даден знак да застане со цел да биде легитимиран, со голема брзина се дал во бегство во правец кон Градско. За кратко време полициските службеници го пристигнале и пристапиле кон негово легитимирање и извршиле преглед на наведеното возило. Од извршениот преглед на патничкото возило управувано од Ф.Н. пронајдени и одземени се четири црни торби, во кои биле сместени вкупно 65 кеси со растителна материја со вкупна тежина од 65 килограми и два телефонски апарати“,
соопшти МВР.

Оттаму велат дека денеска поднесени се кривични пријави против Ф. Н. (38) од Скопје и Ј. М. (55) од Кавадарци, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело ,неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
„Пронајдената растителна материја врз основа на издадена Наредба на јавен обвинител од ОЈО Велес, ќе биде предадена во Одделот за Форензички испитувања при Министерството за внатрешни работи“,
се вели во соопштението на МВР.

