Со нацрт-измените во Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата, доколку возите велосипед, мопед, електричен тротинет, па и трактор, а притоа користите мобилен телефон, слушалки во двете уши, таблет или паметен часовник ќе платите глоба од 50 евра
Дополнително, измена има и кај делот предвиден за тешки прекршоци во сообраќајот – доколку возачот помине на црвено или жолто светло, покрај досегашната казна од 250 евра, ќе му биде одземена возачката дозвола во период од три до дванаесет месеци
На повидок се неколку нови правила, нови обврски и неколку нови казни за учесниците во сообраќајот. Сите се дел од нацрт-измените во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Една од најголемите новини, според нацрт-измените објавени јавно, е воведувањето казни за користење електронски уреди за другите учесници во сообраќајот, а не како досега – само за возачите на автомобили, камиони и автобуси.
Со измените, доколку возите велосипед, мопед, електричен тротинет, па и трактор, а притоа користите мобилен телефон, слушалки во двете уши, таблет или паметен часовник ќе платите глоба од 50 евра. Но, одговорноста не застанува само на возачите. Првпат се воведува прекршок и за пешаците кои доколку користат електронски уреди додека преминуваат улица или велосипедска патека ќе добијат глоба од 40 евра, бидејќи Законот ќе ги смета за потенцијален ризик во сообраќајот поради намаленото внимание.

Целта на измените е подобрување на безбедноста во сообраќајот. Но, дали со идејата се согласуваат и оние на кои се однесуваат мерките?
Тоа малку ме заплашува бидејќи сум цело време на некој начин и зависен од телефонот и со таков закон ќе се направи поголем проблем, не само што ги ставија радарите за брзо возење, градот ќе стане малку заплашувачки како „Биг брадер“, сите ќе имаме казни, лево десно, полни фиоки ќе бидат со казни и тоа е малку како заплашувачко, дури и претерано.
Исто како луѓево што возат коли, како тие не смеат да користат телефони, претпоставувам исто, посебно за улица преминување истото би требало да важи.
Би требало веќе да се воспостави ред и во сообраќајот комплетно и во системот, што би значело дека ќе биде заштитен и граѓанинот, пешакот од една страна, независно од ригорозноста на казната, тој се заштитува од еден начин и велосипедистите и тие што се со полесни возила се заштитуваат.
кажаа граѓаните.

Со оглед на тоа што дел од новите прекршоци може да бидат тешки за воочување, на пример, кога се носат слушалки во уво, ги прашавме граѓаните – колку доследно сметаат дека ќе се почитуваат одредбите?
„Ќе пробам, стварно не сакам да плаќам толкави казни, ама мислам дека ќе трае месец-два и ќе се врати на истото“,
Ако се мали казните, никој нема да го почитува законот, нели? Значи треба да има казна, за да почнат луѓето да го практикуваат законот.
Оттука доаѓаат сите возможни несреќи, од несреденост на сообраќајот, значи треба да има ред а законите се и во таа насока поставени. Верувам дека на сообраќајот посебно во Скопје одамна му требаше таква координирана работа со која ќе се воспостави рамнотежа помеѓу граѓаните и возачите.
велат граѓаните.
Покрај воведувањето на новите прекршоци, голема измена се прави и во делот на тешки прекршоци во сообраќајот.

Новите измени на Законот предвидуваат заострување на казните за минување на црвено и жолто светло. Досега за таков прекршок следуваше казна од 250 евра, а сега на тоа се додава и одземање на возачката дозвола од три до дванаесет месеци.
Заострување има и за лицата на кои им е изречена санкција – престанување на важност на возачка дозвола. Досега тие лица мораа да чекаат најмалку шест месеци пред да смеат повторно да управуваат моторно возило од истата категорија. Со измените, тој рок се зголемува:
„Сторителот на кој му е изречена прекршочна санкција престанок на важење на возачка дозвола не може да отпочне со постапка за полагање на возачки испит за истата категорија пред истекот на 12 месеци од денот на престанокот на важењето на возачката дозвола“,
се вели во нацрт измените.
Новини во измените се и минималните поскапувања на одредени казни.
Од сегашните 45 на 50 евра поскапува прекршокот – управување на моторно возило со брзина од 10 до 30 км/ч повисока од пропишаните 50 километри на час. Од 10 на 15, пак, за возење до 10 км/ч побрзо од дозволеното. Од 45 на 50 евра поскапува и управувањето на моторно возило со брзина од 10 до 30 км/ч повисока од пропишаната на јавен пат надвор од населено место.

Со измените се дорегулира и прифаќањето вина наместо друг. Бидејќи дел од прекршоците ќе се санкционираат преку камери…
„Сопственикот, односно носителот на правото на користење на возило или друго лице, не смее да прифати вина за сторен прекршок на сметка на друго лице, кога очигледно од електронскиот запис за прекршокот, јасно може да се утврди сторителот на прекршокот“
Казната за противзаконско прифаќање вина ќе биде 500 евра.
Тоа треба општа култура, џабе е и парите и се.
Се планира законските измени да влегуваат во сила постепено – дел од октомври годинава, а останатите од јануари 2026-та.