Компанијата чија понуда била избрана за најдобра за делот за виндјакна и за теренска униформа за редовната полиција, не ги исполнувала самостојно условите за минимален број на вработени и други критериуми туку приложила т.н. техничка поддршка од фирма од Србија. Според Комисијата за жалби по јавни набавки, во таков случај српската фирма требало да биде пријавена како подизведувач
Најдобрата понуда за виндјакна и за теренска униформа, која сега е поништена, изнесуваше околу 6,1 милиони евра во фазата на отворање на понудите. Од МВР засега не кажуваат како ќе постапат понатаму
Македонските полицајци ќе мора да почекаат барем уште некој месец за ги заменат сегашните униформи кои се резултат на договор од ноември 2021 година.
Причината е – второстепената комисија за жалби по јавни набавки го поништи тендерот за набавка на нови униформи за редовната полиција.

На 19 септември 2025 година, Министерството за внатрешни работи го објави огласот за јавна набавка кој беше поделен на четири ставки – Виндјакни, теренска униформа, чизми и чевли. До 19 ноември 2025 г. пристигнаа пет понуди од компании кои сакаа да ја реализираат набавката – „Нени компани“, „Мегаспорт“, „Микеи интернационал“, „Лејерс ВФ“ и „Камекс“. Цените кои компаниите ги понудија беа различни по категории. На пример, „Нени компани“ достави најниска цена за виндјакни и чизми, „Микеи интернационал“ за теренска униформа, а „Мегаспорт“ за чевли.

Две недели пред Нова година, Министерството за внатрешни работи донесе одлука за избор на најповолна понуда – сите четири ставки ги доби компанијата „Мегаспорт“. Резултатот беше донекаде изненадувачки ако се знае дека, на пример, понудата на „Нени компани“ за чизми беше речиси двојно поевтина или, пак, дека за виндјакна и „Нени компани“ и „Микеи“ имаа значително пониски понуди. Деталите од електронската аукција засега се непознати, но во рокот за жалби процесот го обжали еден од конкурентите – „Микеи интернационал“.

Правната разврска пристигна пред една недела, на 28 јануари, кога Државната комисија за жалби по јавни набавки донесе решение со кое ја усвои жалбата на „Микеи Интернационал“ и го поништи изборот на МВР во деловите – теренска униформа и виндјакна.
Причината за поништувањето, на кратко, е следна. Во тендерската документација, меѓу другите критериуми, МВР бараше понудувачите да имаат сопствен технички капацитет и минимум број на вработени 50 лица за производство на виндјакни, но и 100 лица за теренската униформа. „Мега Спорт“ во својата понуда навеле дека го исполнуваат овој услов, но не самостојно, туку преку т.н. техничка поддршка од српската компанија „Лус Текстил“.

Според второстепената комисија, Законот за јавни набавки пропишува дека кога еден субјект целосно ги изведува работите за друг, тој мора да биде третиран и пријавен како подизведувач.
Економскиот оператор може во постапката за јавна набавка да ја користи способноста на друг субјект за докажување на исполнетоста на условите за квалитативен избор во врска со образовните и стручните квалификации или релевантно стручно искуство само доколку другиот субјект ќе ги изведува работите или ќе ги обезбедува услугите за кои се бара таквата способност.
се вели во членот 96, став 2 од Законот за јавни набавки.

Иако комисијата не ги прифатила другите забелешки на „Микеи Интернационал“, решението открива и други детали од целата постапка.
„Микеи“ биле дисквалификувани поради квалитетот на мострите. Тоа, преку суперанализа, го утврдила лабораторијата „Макконтрол“, која патем ги издала сертификатите за оригиналниот добитник на тендерот „Мега спорт“. Комисијата, сепак, ја отфрлила оваа точка, повикувајќи се на допис од Антикорупциската комисија од 2020 година, каде се вели оти тоа што една лабораторија тестирала приватно за одредена фирма, не и забранува да врши контрола за државата, па оттаму, не може да се утврди состојба на судир на интереси.

Од „Микеи“ се жалеле и на фактот што со нивната дисквалификација МВР практично биле доведени во ситуација да изберат понуда која е поскапа за околу еден милион евра. На таа забелешка, од конкурентот „Мега спорт“ одговориле дека не може да се врши споредба на цени меѓу производ кој ги исполнува стандардите од повикот, односно нивниот, и производ кој не ги исполнувал стандардите, односно на „Микеи“. Комисијата не го прифатила овој основ од жалбата на „Микеи“.
Има и други детали и пикантерии, но тоа не го менува фактот дека комисијата во МВР направила грешка при дел од набавка чија вкупна вредност е 6 милиони и 140 илјади евра.

Затоа прашавме во МВР, што ќе се случува со тендерот? Дали повторно ќе се бира, но од преостанатите понудувачи, ако и тие не биле дисквалификувани?
Оттаму само накратко ни одговорија:
Согласно решението од Државната комисија за жалби по јавни набавки, постапката е вратена на повторно постапување и одлучување. Бидејќи постапката е во евалуација не сме во можност да Ви доставиме информации.
велат од МВР.
Додека траат овие процедури, полициските службеници ќе почекаат на новите униформи, они што ги чекаат подолго време.
