На крајот на 2017 година Општина Центар прогласи мораториум на вкупно 31 детален урбанистички план. Чекорот значеше забрана за нови одобренија за градба сѐ додека не се „испеглаат“ старите планови, согласно законите и Генералниот план на градот. Градежните компании се пожалија пред Уставниот суд, но иако спорот почна неповолно за локалната власт, Центар го задржа мораториумот. Сега во нова иницијатива до Уставниот суд – повторно се бара во Центар да се гради по старо.
Вака денес изгледа просторот меѓу хотелот „Холидеј ин“ и Олимпискиот базен во центарот на главниот град. Пресликан на макета, просторот изгледа вака. Но, ако на макетата се преслика она што стои во стопираниот Детален урбанистички план, се добива јасна слика што ќе се случи ако се изградат планираните 60-катни згради на ова место.
Вака, пак, изгледа просторот кај поранешната фабрика „Треска“.
Пресликан на макета просторот изгледа вака. Околните жители и дел од стручната јавност со години се противат на планот од 2012 година, според кој на локацијата треба да никнат 30 згради. И овој план во моментов е под мораториум, со надеж дека ќе се измени.
Една, две, три… 60-ина згради до 7 ката и една 14-катница се предвидени во планот за просторот од паркингот спроти поранешниот Скопски саем до комплексот факултети, односно скопското маало Крњево. Овој план е „замрзнат“ бидејќи при носењето во 2012 година не се почитувани ограничувањата за максимален број жители, дозволена густина на население, а параметрите го нарушуваат и соседското право.
„За Крњево е ургентно да се донесе урбанистички план и да се гради, но сѐ она што претходно е правено, има парцели поединечни кои се многу зголемени и дозволена им е претходно голема површина за градба, а самите парцели се многу мали. Така што, тука се влезени голем број инвеститори што бараат да градат, но нивните парцели немаат толкав капацитет колку што тие бараат. Она што не можеме со нив да се разбереме е дека секоја парцела има свој капацитет. Не може тука да направите објект од десетина ката и да има илјадници станови, а да нема простор да се реши паркирање ни за сто возила“,
објаснува универзитетската професорка и поранешна членка на Комисијата за урбанизам во Општина Центар, Дивна Пенчиќ.
И додека Општината работи на овие три и уште 13 други плана, во архивата на Центар стигнало писмо од Уставниот суд. Од локалната власт се бара најдоцна неделава до Судот да ја прати одлуката за мораториум и да одговори на наводите на двајцата иницијатори од Охрид, Александар Илиоски и Игор Влакевски, дека суспендирањето на плановите е незаконско.
„Со оспорената одлука, Општина Центар ги доведува во нееднаква правна положба граѓаните што имаат сопственост на недвижности на територијата на Општина Центар во однос на граѓаните на другите општини. Во смисла на ограничување на правото непречено да ги уживаат правата, вклучително и правото на градење.“
пишува во иницијативата до Уставниот суд.
Имињата на двајцата Охриѓани, кои решиле да се занимаваат со Центар, не се познати во бизнис-круговите Но, тие очигледно се добро запознаени со фактот дека при слична иницијатива лани, Уставен побара од Центар да го запре мораториумот додека не донесе одлука. Администрацијата на градоначалникот Саша Богдановиќ тогаш направи „трик“. Ја поништи првичната одлука за мораториум која беше дадена на Уставен и веднаш донесе нова, па на судот не му остана друго освен да ја прекине постапката.
За новото барање, идејата е да објаснат дека секој детален план мора да биде во согласност со Генералниот план и дека само општината ја има надлежноста да го спроведе тоа.
„При крај сме со одговорот за иницијативата до Уставен каде што јасно ќе дефинираме од каде ја црпиме таа правна сила за да може да донесеме таква одлука. И тогаш ќе се доведеме во ситуација, ако Уставен каже ‘вие не сте надлежни тоа да го правите’, тогаш ние да го прашаме кој е надлежен да спроведува план кој не е усогласен со одредени параметри“,
вели градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.
Поинаку мисли претседателот на Градежната комора и еден од инвеститорите, Ивица Јакимовски. Вели дека тие не ја поднеле новата иницијатива, но се согласни дека мораториумот е незаконски и дека процесот заглави предолго, што на градежниците им донело загуби од половина до една милијарда евра. Убедува дека градежниците не се тие што ги попречуваат новите детални урбанистички планови, но вели и дека нема да дозволат да им се намалат маркичките нацртани во старите планови, односно т.н. „стекнато право“.
„Не постои барање од ниту една компанија во моментот да бара да ѝ се зголеми повеќе од тоа што го има во моментот, никој не бара. Доколку постојат услови и општината процени дека треба да се зголеми, ние нема да кажеме ‘не зголемувај, зголеми го’. Но, претходно тоа што си го имал како сопственост, да го намалиш, тоа е недозволиво и тоа не може да помине“,
вели претседателот на Градежната комора, Ивица Јакимовски.
Јакимовски тврди дека и тие сакаат да обезбедат поквалитетен живот за граѓаните и околината. Освен до надлежните општини, оваа порака одлучиле да ѝ ја пренесуваат и на извршната власт.
„Доставивме конкретна понуда која се однесува до централна и локална власт, ние како Градежна комора во која постојат членки инвеститори и градежни компании можат да инвестираат во период од три години 1 милијарда затоа што имаат сопственост на градежни парцели за кои постојат ДУП-ови со кои треба да се дозволи тоа да се реализира, во насока да го подобри решението, не да го оневозможи или да влијае штетно на околината. Сите објекти што се градат се енергетски ефикасни“
дополнува Јакимовски.
Дека постапката за некои планови трае долго признава и доскорешната претседателка на Советот на Општина Центар и граѓанска активистка Јана Белчева, но не гледа вина кај локалната власт. Вели, се соочуваат со апсурдна ситуација – планерските фирми кои ги најмува општината за изработка на детални планови не ја слушаат локалната власт.
„Некои планови се заглавени зашто очигледно е немањето волја на некои од планерите да постапуваат по забелешките на стручните тела и стручната комисија на одделението за планирање кои совесно си ја работат својата работа, останувајќи на принципите што треба да се коригира во плановите“
оценува советничката во Општина Центар, Јана Белчева.
И градоначалникот признава дека има одредено доцнење, но вината делумно ја префрла на епидемијата на ковид-19 и нефлексибилноста токму на градежниот сектор.
„Реакциите на Градежната комора ги разбирам, но не се согласувам – од една страна кажуваме дека сакаме подобри услови за живот и спремни се тие да ги направат и да ги променат начините на кои ќе се гради, не само на територија на Центар – дај Боже низ цела држава, а од друга страна, кога ќе дојде планот на јавна анкета со одредени измени кои се подобрување, односно ќе направиме колку може подобар план, има реакции, бидејќи нормално со некои измени не се согласуваат или не им се допаѓаат“,
додава Богдановиќ.
Во кругот на испреплетени интереси за секој нов квадрат бетон, Белчева сепак се надева дека граѓаните конечно ќе бидат тие што ќе победат и пред Уставниот суд.
„Јас се надевам дека ситуацијата е сменета на подобро поради тоа што секојдневно веќе се зборува за проблемите кои со лошото уредување на просторот ги живеат граѓаните и дека Уставниот суд нема да си дозволи да запре една постапка која се бори за законитост во работењето, за непрекршување на законите, за задржување на параметрите кои се претходно пропишани и за следење на овие принципи кои се многу поголеми, а тоа е хуманизација на просторот, заштита на животната средина, на културното наследство, континуитет во процесите на регионален развој и на одржлив развој“,
додава Белчева.
Поедноставено, уставните судии ќе мора да пресечат што е повисоко – правото на сопственост на кое инсистираат инвеститорите или правото на хуман живот и законската обврска на општината да го уредува просторот во согласност со повисоки акти.
Карта плус за општината сега е Законот за урбанистичко планирање, кој првпат предвиде можност детален план да „се суспендира од применување од страна на донесувачот на планот, доколку се докаже несомнена штета по јавниот интерес што е воочена во текот на спроведувањето на планот“. Во полза на градежниците, пак, е тоа што мораториумот смее да трае „не подолго од шест месеци за поединечни делови… и една година за целиот плански опфат на урбанистичкиот план“.
Овие одредби засега имаат само декларативна вредност, бидејќи мораториумот во Центар беше донесен пред законот. Но, кога влогот е голем, важен е секој детаљ, бидејќи што и да одлучи Уставен, тоа ќе биде или укор или шанса и за другите општини во државата, а не само за 7,5 квадратни километри на територијата на Општина Центар.