Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска ја критикуваше економската политика на Владата преку извештајот што вчера го објави Министерството за финансии за реализација на Буџетот во првите 4 месеци од оваа година.
Тој посочи дека е направен рекорден дефицит од 200 милиони евра од кои најмногу – 80 милиони евра во април. Тоа, како што рече Мицкоски, е доволен показател дека Владата немала ниту во момент намера да помогне на граѓаните и бизнисот туку единствена цел била поткуп.
Во неговата анализа тој посочи дека во првите четири месеци од годинава Владата го зголемила долгот на граѓаните за 1.8% од БДП, или според неговата пресметка, секое семејство го задолжила со отприлика 25 000 денари.
„Тука ќе потсетам не е опфатена помошта кон стопанството и помошта кон граѓаните. За тоа ќе имаме дополнителен буџетски дефицит. Или до крајот на годината зголемувањето на долгот, на јавниот долг во однос на бруто домашниот производ ќе изнесува точно 5 проценти. Или ако се додадат на дополнителните 1.8 во првите четири месеци тогаш вкупниот зголемен долг на крајот од 2020-тата година без задолжувањето за помош на стопанството и граѓаните ќе изнесува околу 7 проценти од БДП или тоа е некаде околу 95 илјади денари зголемен долг за секое семејство“,
рече Мицкоски на прес-конференцијата.
Третиот елемент на неговата анализа беше реализацијата на капиталните инвестиции за што рече дека во првите 4 месеци од 2020 година, е околу 13 проценти од планираното на почетокот на годината.
Тој направи споредба со истиот период неколку години наназад, и ги презентира следниве податоци: лани реализацијата на капиталните инвестиции била 11.25 проценти, во 2018-та година биле 14.23 проценти, во 2017-тата година 27 проценти и во 2016 година околу 19 проценти од планираното.
„Разликата е евидентна и лагите се распрснуваат како меур од сапуница, а бројките се немилосрдни и ги демантираат лагите на оваа Влада предводена од ова раководство на СДСМ и Зоран Заев“,
рече Мицкоски.
Лидерот на опозицијата денеска обвини дека поголем дел од парите од двата економски пакети за помош на бизнисот за справување на последиците од кризата поради пандемијата отишле кај големи компании додека средните и малите бизниси едвај преживуваат, додека најавениот трет сет мерки го нарече магла која владата ја сее пред избори.
