„Нашето место е токму тука на истата маса заедно со нив, бидејќи ние споделуваме исти вредности и се бориме за исти вредности и веруваме во тие вредности, а тоа е да бидеме обединети во различностите“, вели премиерот во видеообраќањето од европската престолнина, каде со владина делегација учествува на Самитот ЕУ-Западен Балкан
Очекувам навистина позитивни впечатоци и тука сме да ги браниме македонските интереси, македонскиот идентитет и истовремено да испратиме порака дека нашето место, што веќе неколку пати сме го потврдиле и го заслужуваме, е токму тука, да бидеме рамноправна и полноправна членка на Европската Унија.
Ова вечерва преку видео-обраќање од Брисел го порача премиерот Христијан Мицкоски, кој со владина делегација учествува на самитот ЕУ-Западен Балкан што денеска и утре се одржува во европската престолнина.
„Денеска сме овде во Брисел да испратиме порака дека македонските граѓани и Македонија како држава го заслужуваа своето место со останатите 27 земји членки на Европската Унија, и дека нашето место е токму тука на истата маса заедно со нив, бидејќи ние споделуваме исти вредности и се бориме за исти вредности и веруваме во тие вредности, а тоа е да бидеме обединети во различностите“,
вели Мицкоски во видеообраќањето.
Во него, тој информира за неговата денешна агенда, посочувајќи дека таа започнала со билатерална средба со заменик-претседателката на Европската комисија и висока претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас.
За средбата со Калас, Мицкоски претходно информира во објава на Фејбук, а во обраќањето македонскиот премиер сподели повеќе детали за тоа што било разговарано и кои биле неговите пораки на состанокот со шефицата на европската дипломатија.
„На состанокот разговаравме за сите оние стравови и за сето она што ние како држава и како народ моравме да го направиме во минатото, во име на тие исти европски вредности и дека никогаш повеќе не смееме не само поради нас, туку и поради вредностите коишто ги споделуваме со Европската Унија да разговараме за билатерални прашања, за идентитетски прашања, и никогаш повеќе никој нема право да го оспорува нашиот многувековен идентитет и нашиот мајчин, македонски јазик којшто има многувековни корени“,
вели премиерот.
Мицкоски најави дека работниот ден ќе го продолжат со билатерални средби со полскиот премиер Доналд Туск, чија земја ќе биде следниот претседавач со Европската Унија, како и со премиерот на Шпанија, Педро Санчез.
Билатералните средби Мицкоски ги има пред почетокот на официјалниот Самит на Европската Унија со претставниците на земјите од Западен Балкан.
Мицкоски во Брисел е заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, неговиот советник за надворешни работи, амбасадорот Марковски, и шефот на кабинет Владимир Нелоски.
Како што е најавено, главни теми на Самитот ќе бидат имплементацијата на Планот за раст на Западен Балкан, напорите на регионалната интеграција, како и можностите за натамошно унапредување на постепената интеграција меѓу ЕУ и регионот.
Премиерот Мицкоски утре ќе учествува и на самитот на Европската народна партија (ЕПП), кој ќе се одржи пред средбата на шефовите на држави и влади или влади на членките на ЕУ.