„Подготвени сме да разговараме онолку колку што е потребно со цел да најдеме начин како да го отвориме првиот кластер, брзо да го поминеме тој процес на преговори и да станеме земја членка во Европската Унија“, вели премиерот во видеообраќањето
Во Брисел денеска остварив две билатерални средби, од кои едната со Марта Кос, новата комесарка за проширување, а втората со Антонио Кошта, новиот претседател на Европскиот совет. Двете средби поминаа во исклучително пријателска атмосфера, во која ги реафирмиравме нашите ставови дека ултиматуми не прифаќаме, но дека сме подготвени да разговараме. Ова денеска во видеообраќањето од Брисел го соопшти премиерот Христијан Мицкоски, посочувајќи дека на средбите е испратена порака дека македонската влада останува фокусирана на реформи и на обезбедување подобри услови за живот на граѓаните, како и дека главната цел останува да биде полноправно членство на земјата во Европската Унија.

„Со Кос и Кошта разговаравме во срдечна и конструктивна атмосфера за сето она што ние досега го имаме поминато како предизвик во минатото, како и за сето она што требаше и се откажавме во името на европските вредности. Истовремено, ги реафирмиравме нашите ставови дека ултиматуми не прифаќаме, но и дека сме подготвени да разговараме. Подготвени сме да разговараме онолку колку што е потребно со цел да најдеме начин како да го отвориме првиот кластер, брзо да го поминеме тој процес на преговори и да станеме земја членка во Европската Унија“,
вели Мицкоски.
Посочи дека Владата останува посветена на обезбедување подобар живот за граѓаните, а дел од агендата е и инспирацијата земјата да биде дел од европското семејство.
