Лидерот на опозициската партија вчера беше во Драчево, на почеток на изградба на фекална канализација, а денеска е во Страчинци, каде што, исто така, ќе се гради фекална канализација
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, последните два дена ги помина на терен во општини каде што неговата партија доби градоначалници на неодамнешните локални избори.
Во текот на вчерашниот ден, Мицкоски присуствуваше на почнување на проект за изградба на фекална канализација, во должина од 1 100 метри во општина Кисела Вода, во населбата Драчево, со што, како што се посочува, се решава проблем на над 200 домаќинства. Денеска, пак, тој го почна работниот ден во Страчинци, Гази Баба, каде што присуствува на почеток на изградба на примарна мрежа на фекална канализација.

На локалните избори, кои се одржаа на 17 и на 31 октомври, ВМРО-ДПМНЕ освои 40 градоначалнички места, вклучително со Градот Скопје од вкупно 81 единица на локалната самоуправа во земјава. Опозициската партија победи во пет од 10 општини во состав на градот Скопје, односно во Аеродром, Бутел, Кисела Вода, Ѓорче Петров и во Гази Баба.