Тој денеска објасни дека потписите на 61 пратеник кои ги имаат се за изгласување недоверба на владата. Ќе чекаат до понеделник премиерот Зоран Заев да поднесе оставка и ако тоа не се случи, ќе ја поднесат иницијативата до Собранието
На прашањето дали имаат 61 пратеник за формирање влада, Мицкоски рече дека тоа ќе го знаат дури откако би го добиле мандатот и почнат преговори
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска соопшти дека до понеделник ќе чекаат премиерот Зоран Заев да поднесе оставка, а доколку то не се случи, ја започнуваат процедурата за изгласување недоверба на Владата.
Тој на денешната прес-конференција покажа лист на кој вели дека се потписите на 61 пратеник кои како што рече се обединија за изгласување недоверба на владата предводена од СДСМ и ДУИ.

Говорејќи за следните чекори тој рече – прво ќе се обиде да формира влада, а доколку не успее, ќе се оди на брзи предвремени парламентарни избори.
„Во периодот што следи ќе се обидам, повторувам ќе се обидам да формирам нова влада и тоа ќе се случи само доколку бидам сигурен дека тоа ќе биде влада со сериозен кредибилитет, влада со силни институции кои ќе гарантираат стабилност, нова енергија и ефикасност во реформите и промените кои следат. Доколку не се постигне оваа цел кон која се стремам и не обезбедам полна ефикасност на владата потребна за справување со кризите, борба против корупцијата и криминалот, коишто се клучниот проблем во нашата држава, понатаму полна ефикасност на владата , тогаш она што ни преостанува како единствена опција се брзи предвремени парламентарни избори, за народот на Македонија да одлучи за новата иднина“,
рече денеска Мицкоски.
Тој не сакаше да ги коментира пишувањата на лидерот на Левица Димитар Апасиев на Фејсбук дека тие не влегуваат во никаква коалиција или влада и рече дека објаснување за ова може да даде само Апасиев. Но посочи дека на листот од вчера го има потписот и на Апасиев и на другиот пратеник од Левица, Крмов.
На прашањето дали се сигурни дека имаат 61 за формирање влада, Мицкоски рече дека тоа ќе се види кога ќе го добијат мандатот.
„Дали ќе имаме 61 пратеник не би можел да ви кажам, може ќе имаме 70 и повеќе. Тогаш ќе кажеме започнуваме преговори и имаме мнозинство, кое може да биде и поголемо. Ако не успееме ќе се обратиме и ќе кажеме дека не сме успеале“,
рече Мицкоски.
Исто така, одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали има информации за евентуални притисоци врз потписниците на иницијативата за недоверба на Владата, Мицкоски рече дека има информации дека тие се изложени на жестоки притисоци, но нема информации дека некој се поколебал да го повече потписот.
„Гледам дека власта во заминување е во паника. Сакаат да не опишат како „анти – ова или анти-она“, истите тие кои 5 години, 52 месеци владеат со конфликти, не одалечуваат од ЕУ само со една цел, да го бранат криминалот и своите политички кариери кои безмилосно ги уживаат на грбот на народот. Мојата порака до народот на Македонија е – Не им верувајте. Ниту им е за ЕУ кон која не не поместија ниту милиметар, ниту за државата која ја упропастуваат, туку за криминалните тендери кои нема да ги имаат повеќе. Тоа се нивните последни обиди да ги зачуваат фотелјите. Зaшто добро знаат дека единствено нешто за што ВМРО-ДПМНЕ и овој нов блок е анти, односно против, тоа e против криминалот и корупцијата“,
рече Мицкоски.
Дали може да се очекува, доколку дојде до избори, ВМРО-ДПМНЕ во евентуална идна влада да коалицира со ДУИ, Мицкоски рече дека целта во овој период им била двојна – да го поразат СДСМ и да го развластат ДУИ, и според тоа тој нема поблем да коалицира со пратениците со кои имаат мнозинство како што се Алијанса/Алтернатива и Беса. На новинарска забелешка дека доколку ВМРО-ДПМНЕ победи на избори нема да може да прави влада без ДУИ, Мицкоски рече:
„Многу претпоставки кои беа во јавноста вакви или такви се покаќаа погрешни и затоа не би претпставувал, би се воздражал во овој тежок период за државата. Да работиме тивко и да не ги оптоваруваме граѓаните со политички гиманстики и кога ќе имаме јасна слика да ја презентираме пред јавноста. Многу работи беа невозможни во минатото, но се случија. Се случи и на локалните избори. Да оставиме да видиме“,
додаде тој.
Во врска со изјавата на Таравари дека тие не се за избори, а денеска Мицкоски најавува дека тоа е опцијата ако не успее да формира влада, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека за ова се уште не ззборувале со партиите кои се потписници на иницијативата за недоверба на Владата.
„Не сме разговарале на таа тема дали е против или за туку темата е оваа Влада која го изгуби легтимитетот да замине што е можно поскро. За следните чекори јавноста ќе биде информирана“,
истакна Мицкоски.
Не е ниту за техничка влада во меѓувреме, туку само за тнр. пржинска влада која и според законот би ги подготвила превремените избори.
Рече дека досега не разговарал со претседателот на државата Стево Пендаровски и дека нема што друго да каже ако тој веќе ги слушнал информациите од медиумите.

Евентуална лидерска средба, како што рече би била потребна доколку се дојде до предвремени иззбори. Во спротивно, тој ваква средба ќе свика само со лидерите на партиите со кои има мнозинство.
„Новото парламентарно мнозинство подразбира заеднички блок составен од Коалицијата за „Oбнова на Македонија“ која ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива, политичката партија Левица и Движењето БЕСА. Ова е коалиција против криминалот и корупцијата на власта, против изневерените надежи, блок за напредок и нова иднина. Очекувам во периодот којшто следи ова мнозинство да биде зголемено“,
истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата.