Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва по средбата со претставниците на Левица, Беса, Алијанса и Алтернатива изјави дека е обезбедено мнозинство кое што гарантира дека владата предводена од СДСМ е минато. Сепак, тоја најави дека најпрво ја очекуваат оставката на Зоран Заев. Доколку тоа не се случи, Мицкоски најави дека тие ќе покренат постапка за изгласување недоверба на оваа влада.
„Оваа средба денеска беше за да излеземе пред јавноста и да покажеме дека имаме мнозинство во парлемантот кое доколку Зоран Заев не ја достави оставката ќе и изгласа недоверба на владата“,
рече Мицкоски.
Прашан зошто се чека и зошто веднаш новото мнозинство не иницира гласање недоверба Мицкоски рече дека лично не ја познава процедура, но дека е најважно Зоран Заев да претстане да тактизира и да си ја даде оставката.
„Утре е сабота. Не знам дали работат. Да почекаме, еве утре задутре или во понеделник, не знам како функционира парламентот, бидејќи никогаш не сум бил пратеник. Ако ја достави Заев утре оставката, мислам дека понатаму си има законски рокови, процедурални, уставни одредби, десетина дена претседателот да го даде мандатот, па потоа дваесетина дена преговори и така натаму“, рече тој.
Во однос на прашањето дали ќе се формира нова влада или ќе се оди на избори, Мицкоски потенциира дека се отворени и двете варијанти.
„Има две опции. Едната е да се формира влада која ќе продолжи со рефорскиот процес и ќе работи против криминалот и корупцијата кои претставуваат основен проблем во Македонија, влада која ќе имплементира реформи и во здравството и во образованието, која ќе ја однесе нашата држава онаму каде што и е местото, а тоа е во рамките во ЕУ. За се треба да седнеме, да разговараме, за програмскиот дел за визија, за стратегијата понатаму. И втората опција е доколку не успееме да формираме такво мнозинство да одиме на брзи предвремени избори“, подвлече Мицкоски, појаснувајќи дека вечерва не се разговарало за тоа кој би бил иден мандатар.