Европратеникот Џамбаски од редовите на националистичката партија ВМРО-Бугарско национално движење (ВМРО-БНД), во Европскиот парламент, во кој обраќање имаше бугарскиот премиер Николај Денков, повика да се зборува за односот кон Бугарите „во Северна Македонија и во Србија, каде што до ден денешен им се газат човековите права и се прогонувани“
Луѓето како вас не можат да бидат мостови меѓу двете нации. Не можат да бидат мостови. Вие ги рушите мостовите. Затоа јас се надевам, ви посакувам сè најдобро во животот, но се надевам дека вашиот глас нема силно да се слуша и дека ќе дојдат луѓе кои знаат како се градат односи и со нив ќе продолжиме понатаму да градиме пријателства, му рече пратеничката Соња Мираковска на бугарскиот европратеник Александар Џамбаски на седницата на Мешовитиот комитет МК–ЕУ во Советот на Европа во Стразбур.
Таа додаде дека не може да се запре говорот на омраза на социјалните мрежи бидејќи е предизвикан од однесувањето на Џамбаски.
„За пријателство се потребни две страни. Ако кон некого покажете прст, три прста покажувате кон себе. Во Бугарија работев 10 години, имам многу пријатели, кои за разлика од вас разбираат како се чувствувам – како Македонка која зборува македонски јазик. Така ме почитуваат, така соработувавме и имавме заеднички фирми и работиме и ден-денес“,
рече Мираковска.
Таа додаде дека Џамбаски е мантрата која предизвикува омраза и посака некогаш да може да се слушне за да види каков провокатор е.
Европратеникот Џамбаски од редовите на националистичката партија ВМРО-Бугарско национално движење (ВМРО-БНД), во Европскиот парламент, во кој обраќање имаше бугарскиот премиер Николај Денков, повика да се зборува за односот кон Бугарите „во Северна Македонија и vo Србија, каде што до ден денешен им се газат човековите права и се прогонувани“.
Тој воедно ги обвини и европратениците од редовите на либералната групација Да ја обновиме Европа (РЕ) дека не кажуваат ништо „за репресијата, насилството и негирањето на правото на самоопределување“ на Бугарите.
„Во вашата групација има луѓе кои се преправаат дека не го гледаат насилството против Бугарите во Република Северна Македонија“,
изјави Џамбаски.
Претходно германскиот европратеник од редовите на Зелените, Рајнхард Бутикофер, имаше забелешка дека Денков во обраќањето ниту еднаш на ја спомнал Северна Македонија, чиј „влез во ЕУ досега беше блокиран од Бугарија“, додека, во исто време, членовите на Европскиот парламент можеле да го слушнат говорот на омраза на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски.
Бутикофер го прашал бугарскиот премиер што ќе стори Бугарија за да ја отвори вратата за влез на Северна Македонија во ЕУ.
„Може ли некој да ги спори искрените европски аспирации на Северна Македонија, која дури си го смени и името за да си ги отвори вратите на Европа“,
истакнал Бутикофер.
На ова, Денков му одговорил дека условите мора да се исполнат од страна на Северна Македонија за да се отвори преговарачкиот процес и од тој аспект, нагласил, „не прифаќам никаква критика за нашата земја“.
„Сакам јасно да кажам дека во моментов Бугарија нема никакви други барања кон Северна Македонија, освен оние наведени во одлуката на Европската Унија од минатата година врз основа на договореното со т.н. француски предлог“,
изјави Денков во обраќањето пред Европскиот парламент во Стразбур на дебатата насловена „Ова е Европа“.
