Со ова делегациите на С Македонија и Бугарија на дело го спроведоа она што го договорија двајцата премиери Димитар Ковачевски и Кирил Петков на двете средби минатиот месец, во Скопје и во Софија – заедничко чествување на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев
Делегации на владите на Северна Македонија и на Бугарија предводени од министерката за култура Бисера Костадинова-Стојчевска и шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска попладнево се поклонија и положија цвеќе пред гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас по повод 150 години од неговото раѓање.

Министерката Костадинова-Стојчевска беше придружувана од заменик-министерката за надворешни работи Фатмире Исаки.

Во составот на бугарската делегација, покрај министерката Генчовска беше и заменик-министерката за надворешни работи на Бугарија Велислава Петрова, претседателот на парламентарната Комисија за култура Тошко Јорданов и бугарскиот амбасадор во Скопје Ангел Ангелов.

Почит на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас оддаде и европратеникот и известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент Илхан Ќучук.
Со ова, делегациите на С Македонија и Бугарија на дело го спроведоа она што го договорија двајцата премиери Димитар Ковачевски и Кирил Петков на нивните две средби минатиот месец, во Скопје и во Софија – заедничко чествување на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.
За попладнево во Софија најавено е дека вршителот на должност амбасадор на Северна Македонија во Бугарија, Владимир Крстевски, ќе положи венец на церемонијата на чествувањето на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, заедно со претседателот на Бугарија, Румен Радев и бугарскиот премиер Кирил Петков.
„Денеска ја славиме 150-годишнината од раѓањето на еден од најсветлите умови во нашата историја – бугарскиот револуционер Гоце Делчев. Тој е еден од симболите на борбата за слобода, идеологија на македонско-одринското револуционерно ослободително движење. Гоце Делчев е составен дел од нашата заедничка историја со народот од Северна Македонија. Тој е еднa од личностите кои ги прават горди и двата народа“,
напиша денеска во пораката Петков, објавена на официјаната фејсбук-страница на бугарската Влада.