Пратеникот вели дека не ги интересира што се случува во СДСМ, но порачува дека Заев и сопартијците ќе видат што ќе се случи утре во Собранието
Пратеникот и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, побара премиерот Зоран Заев и неговите соработници мирно да ја предадат власта откако утре, уверува Милошоски, ќе ѝ биде изгласана недоверба на Владата.

„Времето на Зоран Заев помина и што ќе се случува во СДСМ нас не нè интересира, тоа е нивна работа, но што ќе се случува во Собранието ќе види Заев уште во текот на утрешниот ден кога на Владата на Заев која е во оставка ќе и биде изгласана недоверба. Затоа му порачуваме на Заев премиерот во заминување и на неговите најблиски соработници Филипче и Оливер Спасовски да се спремат за мирна транзиција на власта, испорачувањето на недовербата на Владата и формирањето на ново собраниско мнозинство и нова Влада којашто ќе нуди решенија за проблемите коишто ги создаде Заев, Филипче и Оливер Спасовски. Сметам дека доаѓа време за одговорност за сите нивни злоупотреби, доаѓа време за нов почеток, за поспособни луѓе, за нова Влада и за ново парламентарно мнозинство“,
рече Милошоски.
Тој се осврна и на вчерашното заседавање на Извршниот и Централниот одбор и одложувањето на оставката на Заев велејќи дека со тоа уште еднаш се докажало оти премиерот е најголемиот лажго во македонската политика и најголемиот манипулант на Балканот.
Милошоски го коментираше аплаузот што го доби Заев вчера од сопартијците обвинувајќи ги функционерите од владејачката партија дека го изгубиле допирот со реалноста од изборниот пораз.
„Отсуството од реалноста во СДСМ се гледа и по тоа што Зоран Заев и Венко Филипче до пред извесно време во Прилеп стигнуваа со владин хеликоптер, откако тоа престана да биде привилегија за нив, Зоран Заев купи едно скапо бе-ем-ве кое се возеше низ општините каде што ги изгуби изборите. Дали аплаузот којшто го даваше Венко Филипче беше можеби за вчера омилен директор Ден Дончев за којшто не знаеме каде се наоѓа неколку месеци или можеби аплаузот на Ковачевски и на Оливер Спасовски беше за Рашковски којшто е десна рака како генерален секретар на Владата на Зоран Заев долги години?!“,
рече Милошоски.