Снимката ја објави порталот „Скопје 1“ кој наведува дека била направена во Монте Карло и објавена на Инстаграм пред 14 часа. „360 степени“ не можеше независно да провери каде и кога е направена снимката
Поранешниот директор на УБК и осуденик Сашо Мијалков бил уловен во Монако пред луксузен ресторан со црвено „ферари“. Снимката ја објави порталот „Скопје 1“ кој наведува дека била направена во Монте Карло и објавена на Инстаграм пред 14 часа.
„360 степени“ не можеше независно да провери каде и кога е направена снимката.
Според цените што се споделени онлајн, како што пишува „Скопје 1“, автомобилот марка „ферари“ на Мијалков, зависно од годината на производство, чини од 629 990 до 709 900 долари.
Од видеото се гледа како тој пристигнува, го остава возилото на паркирање и влегува во објект.

Според фотографиите, станува збор за мишелин-ресторанот „Луј 15“ во Монако.
Мијалков беше обвинет и осуден за повеќе дела што ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), но главно му застареа. Од сите дела, одлежа казна само за случајот „Империја“ во кој во спогодба со Јавното обвинителство призна вина и доби тригодишна затворска казна и конфискација на имот во вредност од, како што првично тврдеше тогашната шефица на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска, 30 милиони евра. Подоцна имотот му беше проценет на речиси двојно помал износ.
Затворската казна наместо во „Идризово“ ја издржуваше во затворот во Струга, кој е од отворен тип, откако непосредно пред издржувањето ја смени адресата на живеење од Скопје во Охрид.