„Битката беше за легитимитет. Тие сакаа да се мериме во Чаир и во Тетово. Таму е убедлива нашата победа. ВЛЕН е легитимен и е победник на овие избори“, рече кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од оваа коалиција
На Демократската унија за интеграција (ДУИ) и на нејзиниот лидер Али Ахмети, што се залагаа за легитимитет, им ја честитам победата во Пласница. Во другите општини убедливо води коалицијата ВЛЕН. Ова вечерва од партиското седиште на плоштадот „Скендербег“ го рече Изет Меџити, кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од ВЛЕН.

„Тука сме во Чаир да ја прогласиме убедливата победа уште во првиот круг. Им се заблагодарувам на сите гласачи. Битката беше за легитимитет. Тие сакаа да се мериме во Чаир и во Тетово. Таму е убедлива нашата победа. ВЛЕН е легитимен и е победник на овие избори“,
рече Меџити.
Според него, онаму каде што ДУИ мислеа дека се најјаки, се соочија со недоверба од граѓаните.
„Во Врапчиште нема цензус, а во Гостивар е на граница да нема цензус. Очекуваме дека уште во првиот круг ќе освоиме четири до пет општини и ќе водиме во повеќето општини со мнозинско албанско население во државата“,
кажа тој.
На крајот од прес-конференцијата му се обрати на својот политички противник Али Ахмети.
„Со сета почит, ова е моментот кога мора да поднесете оставка. Гласот на Албанците ве испрати во политичка пензија“,
рече Меџити.
Вечерва има славеничка атмосфера на плоштадот „Скендербег“ на влезот на Старата скопска чаршија, каде се наоѓа седиштето на ВЛЕН, и е преполно со членови и симпатизери.
На терен се гледа како се палат огномети и како насобраните извикуваат „Изет!“.