На средбата е договорено формирање работни групи кои ќе дефинираат конкретни чекори за подобрување на состојбите во примарното здравство
Матичните лекари го прекинуваат протестот што го почнаа денеска, по попладневната средба со заменик-министерот за здравство, Владимир Рендевски, на која бил постигнат договор за формирање работни групи кои ќе дефинираат конкретни чекори за подобрување на состојбите со кои се соочуваат лекарите од примарното здравство.
„Навистина од 1 463 медициски тимови во примарната здравствена заштита, околу 500, односно една третина се на рабна егзистенција. Практично добиваат едвај загарантирана минимална плата за тимот доктор/сестра“,
рече Рендевски и најви решенија за медицинскиот кадар да биде мотивиран, а во интерес на пациентите.
Рендевски најави дека ќе се обезбеди минимална загарантирана плата и за докторите и сестрите кои едвај преживуваат со мал број пациенти, за да нема одлевање на медицинскиот кадар, ниту затворање на ординациите.
Од Здружението на приватни лекари се задоволни од средбата и велат протестот ќе биде прекинат.
„Апелиравме да се формираат веднаш работните групи, а заедно со Лекарската комора апелиравме во секоја работна група да има човек кој ги разбира и има позитивен став кон нашите барања. Бараме континуитет во сите наши договорени барања и оние со претходниот министер за здравство, со цел да имаме задоволни и мотивирани здравствени работници кои ќе работат за доброто на своите пациенти“,
вели претседателката на Здружението, Лилија Чолакова Дервишова.
Приватни матични лекари од примарното здравство, приватни специјалисти и стоматолози кои имаат договор со Фондот за здравствено осигурување денеска почнаа протест, така што примаа само итни пациенти. Матичните лекари бараат да се подигне цената на капитацискиот бод по пациент, за која беа ветени 95 денари, како и измени на Законот за здравствена заштита со кои сите пациенти наместо да бидат „врзани“ за факсимилот на лекарот ќе ѝ припаѓаат на матичната ординација. Незадоволни се, како што велат, и од недостигот на поддршка во примарното здравство во текот на целата пандемија.