Вицепремиерот нагласи дека рокот за завршување на уставните измени, според условите договорени со францускиот предлог, е крајот на ноември, кога треба да заврши и скрининг-процесот

Крајот на јуни или почетокот на јули би било идеално време во Собранието да се поднесат амандманите за уставни измени со кои Бугарите и други народи ќе влезат во Преамбулата од Уставот, смета вицепремиерот Бојан Маричиќ.
Одговарајќи на новинарски прашања на Преспа – Форумот за дијалог, тој уште еднаш ја повика ВМРО-ДПМНЕ да формира работни групи за преговори и да почнат со разговори во услови во кои опозицијата ќе биде комотна.
И во случај ВМРО-ДПМНЕ да не формира работни групи, вицепремиерот вели дека до крајот на месецот би требало да се знае кога точно ќе влезат уставните измени во собраниска процедура, но вели – јули ќе биде интензивен месец.
„За нас е важно да седнеме и разговараме за сегашноста и иднината на Северна Македонија во ЕУ бидејќи премалку време има, а премногу се тешки предизвиците пред нас. Очекувам опозицијата да го сфати тоа и да се јави на повикот, ако тоа не се случи во наредните неколку денови, очекувам дека до крајот на овој месец треба да разговараме кога ќе одат амандманите во Собранието и иницијативата која е веќе подготвена. Очекувам во текот на летото да се најде во Собранието, месец јули ќе биде сигурно интензивен месец и ние не би требало да тактизираме и да чекаме повеќе од она што е потребно. Впрочем и да влезе во процедура во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ сè уште ќе има можност да се приклучи да разговара, собраниската дебата тогаш ќе почне, нема да заврши. Ние ќе разговараме со секоја политичка партија“,
рече Маричиќ.
Вицепремиерот нагласи дека рокот за завршување на уставните измени, според условите договорени со францускиот предлог, е крајот на ноември, кога треба да заврши и скрининг-процесот.