Билатералниот скрининг беше за јавни набавки, а вицепремиерот вели дека покрај деталните презентации, нашиот тим одговарал и на прашања на Комисијата при што покажал високо ниво на подготвеност

Македонскиот преговарачки тим имаше одличен почеток на билатералниот скрининг, оцени вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, од Брисел, каде како главен преговарач со ЕУ ја предводи нашата делегација на билатералниот состанок за Поглавјето 5 од преговарачката рамка посветено на јавни набавки, кое е во рамки на Кластерот 1 – Фундаментални вредности.
Во изјавата од Брисел, Маричиќ порачува дека нашиот тим имал јасни и прецизни презентации кои биле пофалени и препознаени од Европската Комисија (ЕК). Имаме енергија и работиме, вели вицепремиерот, на остарување на целта до 2030 година да станеме членка на ЕУ.
„Покрај деталните презентации коишто ги направивме на полето на законската и институционалната рамка за јавни набавки на Република Северна Македонија одговаравме и на прашања на Комисијата и покажавме високо ниво на подготвеност. Ова е за нас поттик да продолжиме понатаму и што побрзо и што поуспешно да ги завршиме скрининг состаноците. Тоа ќе ни даде една целосна слика колку сме успешни, каде имаме уште многу работа, и во кој временски рок можеме да ги заклучиме преговорите. Имаме многу енергија, имаме многу знаење и многу работиме за да дојдеме до зацртаната цел – членство во Европската Унија до 2030 година“,
вели Маричиќ по завршувањето на првиот дел од билатералниот скрининг за јавни набавки.
Дел од македонскиот преговарачки тим, покрај Маричиќ, се и заменик-главниот преговарач и државна секретарка во Секретаријатот за европски прашања (СЕК), Дрита Абдиу-Халили и нашиот амбасадор во постојната Мисија при ЕУ во Брисел, Зуфли Исмаили.