Фотографиите од армирано-бетонска конструкција на нешто што наликува на неколкукатна зграда во дворот на Осоговскиот манастир изминативе недели отворија голема дебата во јавноста, особено на социјалните мрежи. Реакциите се разбирливи во земја во која одамна се гради и каде што треба и каде што не треба, а Осоговскиот манастир се доживува како национално богатство
Појдовме во манастирскиот комплекс кај Крива Паланка во потрага по одговори. Свештенството не прими подготвено да одговара на јавно поставените дилеми и прашања
Манастирски град. Овој епитет „Свети Јоаким Осоговски“ го добил поради многубројните објекти распослани низ комплексот. Ги има вкупно 18.
Илјадагодишната историја ова православно светилиште ја гради на падините на Осоговските Планини, во столетна дабова шума, на околу три километри од Крива Паланка.

„Самиот збор манастир значи една архитектонска композиција од повеќе градби, при што централна градба, нормално, е храмот, бидејќи храмот е местото каде ја принесуваме безкрвната евхаристиска жртва“,
вели отец Дејан Апостоловски – член на свештеното братство при соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“ – Крива Паланка.

Најстарата сочувана градба е храмот посветен на Пресвета Богородица за кој се претпоставува дека датира во 12 век.
Вториот, поголем храм, е изграден кон крајот на 19 век и е посветен на Свети Јоаким Осоговски, на темели на стар храм.
„12 куполи во чест на 12 апостоли. Пет од нив се со повисок тамбур, овие што се со прозорци и формираат рамнокрак крст, а другите седум се слепи. Интересна фреска ‘Евангелска проповед на светиот апостол Павле’, кој бил во Македонија и го проповедал христијанството. Тука, на крајот од самата композиција, може да видиме верници облечени во кривопаланечка носија, а еве тука е и Лидија Македонска, првата христијанка во Европа“,
рече протојереј-ставрофор Александар Смиљков.

Дел од објектите во комплексот датираат од почетокот на 20 век.
„Писарницата и стариот конак во кој монашкото братство, игуменот и скрипториумот се сместуваат по пожарот што се случува во почетокот на 19 век кога паѓа непреболениот игуменски конак наречен Бини. Потоа, исто така, од почетокот на 20 век е и овој конак што е монашкиот конак каде се наоѓа игуменот на ова свештено братство. Исто така и охридскана зграда што ја гледате потекнува од крајот на првата половина на 20 век“,
вели отец Дејан Апостоловски – член на свештеното братство при соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“ – Крива Паланка.
Најнови се конаците што се изградени кон крајот на 20 и почетокот на 21 век наменети за сместување верници што сакаат да престојуваат во манастирот.
Сепак, она што визуелно е највпечатливо последниве речиси две години е објектот во изградба.
„Поранешниот игуменски конак наречен Бини преку кој, впрочем, повторно ќе ја вратиме старата слава на игуменскиот конак што бил место каде се наоѓало ќелијното училиште каде се образувале идните свештеници, каде се образувале браќата монаси, но каде се образувале и кривопаланчани, кој бил и место каде преподобниот Јоаким Крчовски пишувал и творел“,
рече отец Дејан Апостоловски – член на свештеното братство при соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“ – Крива Паланка.

Камен-темелникот за негова изградба е поставен во август 2024 година. На свеченоста присуствувале и архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, митрополитот кумановско-осоговски г. Григориј и министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Изградбата на овој објект предизвика силни реакции меѓу верниците – која ќе биде намената, дали ја нарушува архитектонската целина на комплексот и духовноста на местото.
Извадок од дебата на социјалните мрежи:
„Утрината не можев да поверувам на сопствените очи. Мислев дека е AI, но не. Вистина било. Се гради зграда, веројатно хотел, во еден од најстарите историски манастирски комплекси во Македонија – ‘Свети Јоаким Осоговски’ во Крива Паланка.“
„Предметниот (н.з. претходниот) конак габаритно сигурно е десетпати помал, со поинаква архитектура (…) но во никој случај со катност – приземје и пет ката.“
„…во никој случај не станува збор за хотел, туку возобновување на некогашниот стар конак т.н. Бини што бил опожарен во минатото.“
Па, додека илјадагодишната историја се соочува со предизвиците на 21-виот век, овој комплекс станува и центар на една поинаква дебата. Помеѓу тишината на двете цркви и звукот на градежните машини, се отвора прашањето – каде завршува духовната обнова, а каде започнува менувањето на автентичниот лик на светилиштето?
Јордан Михајловски е автор на три монографии за манастирот, а сега прибира материјал за четвртата. Со него го посетивме чардакот на објектот што е наречен стар конак.
„Се наоѓаме пред една впечатлива слика на сликарот Јован Шумковски, работена 1986 година за некои нарачатели, за душевно спасение. На оваа слика се гледаат двата црковни објекти. Меѓутоа, она што е значајно е дека се гледа големиот коначки комплекс Бини, изгорен во 1911 година“,
смета Јордан Михајловски – настојател и хроничар на манастирот.

Михајловски смета дека сегашните генерации се должни да го возобноват конакот.
„Нормално е дека градбата ќе претрпи соодветни архитектонски измени. Сепак се наоѓаме во 21 век. Меѓутоа основата ќе биде бондручна, а сето она што ќе биде фасада ќе личи на стара кривопаланечка куќа и ќе ја има таа архитектонска линија од 19 век“,
додава Михајловски.
Тој вели дека придружните објекти се архитектонски ансамбл кој ниже хармоничен бисер од објекти околу јадрото – двете манастирски цркви. Објаснува дека новиот конак воопшто нема да биде хотел, ниту поинаков сместувачки капацитет.
„После првиот кат што го гледаме ќе биде тука за добронамерници, библиотеката ќе биде над него, музејот-галерија исто така, а горе ќе биде црквата, околу 50 квадрати, на Свети Јоаким Крчовски“,
вели тој.

Тоа би била трета црква во манастирскиот комплекс. Свети Јоаким Крчовски живеел и творел во 18 и 19 век. За светител е канонизиран во мај 2022 година. Неговите мошти сега се сместени во манастирскиот храм, каде се и моштите на Свети Јоаким Осоговски.
„Пред светите мошти на преподобните отци Јоаким Осоговски и Јоаким Крчовски доаѓаат голем број верници кои често доаѓаат да се поклонат, да заплачат и да побараат од Бога помош за искушенијата и за проблемите во кои се наоѓаат“,
вели отец Дејан Апостоловски – член на свештеното братство при соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“ – Крива Паланка.
Според игуменот на манaстирот, отец Фотиј, во црквата што е планирано да се изгради на врвот на обновениот конак, ќе се префрлат моштите на Свети Јоаким Крчовски и тоа ќе биде негово светилиште.
За него, контроверзиите што се појавија се неоправдани, бидејќи проектот го гледа како суштинска обнова на историското јадро на комплексот.

360⁰: Откако е започната изградбата, дел од верниците критикуваат дека со тој објект се губи автентичниот изглед на кој тие се навикнати да го гледаат манастирот. Велат – ова веќе не е манастирот што го знаеме. Каде е границата меѓу развојот на еден манастир и губењето на автентичната атмосфера на манастирот што ја бараат верниците – мир, тишина, молитва итн.? Каде е таа граница?
Игумен Фотиј: „Секако дека кога ќе прашате каде е границата или каква е потребата или дали верникот го памети манастирот онаков каков што бил, нели, цело време зборуваме за она што било и што е срушено. Ние имаме фотографии и вие сигурно ќе ги снимите тие фотографии, имаме и насликани од ликовната колонија слики каде што се гледа претходниот, стариот конак кој бил и за кого зборуваме, а тоа е конакот Бини каде што живеел светиот апостол Јоаким Крчовски. И сега се поставува прашањето дали воопшто светиот Јоаким Крчовски треба да го испочитуваме и да го изложиме и поставиме на поклонување во светата црква, дали воопшто да се сеќаваме на она што било и што било толку многу важно за македонската историја за која цело време зборуваме, дали воопшто треба да го возобновиме она што некогаш било и што го познаваме во историјата, го гледаме на црнобелите фотографии и дали треба на верниците да им се удоволи она што тие го познаваат во нивниот живот да остане така како што е, но всушност да не се навраќаме на историјата. Знаете, неодговорно е да можете да помислите дека она што вие можете денеска да го направите, да не го направите.“
360⁰: Дали при обновата и изградбата на објектите се внимава на начинот, техниките и материјалите, за надворешниот изглед да биде вклопен во целиот контекст?
Игумен Фотиј: „Да, секако дека се внимава и постојано сме во соработка со стручните лица, со сите оние кои го прават проектот заедно со општината, со сите оние потребни дозволи. Така што, за сето тоа ние внимаваме, секако дека сме одговорни и во тој контекст, од тој аспект. Така што, се надевам дека верниците на самиот крај ќе бидат задоволни и сите ние некако ќе ги сватиме своите грешни и ние кои имаме возможност ќе простиме за сите такви помисли и мисли кои може некој да ги изрази и ќе им докажеме дека навистина ние сме имале добри намери кога сетоа тоа ќе се заврши и ќе сватат дека тоа го принесуваме со најдобри намери на Господа.“
360⁰: Колку манастирскиот туризам влијае на духовноста на местото?
Игумен Фотиј: „Манастирскиот туризам, знаете како, тоа е тесно поврзано со посетителите и верниците. Кога ќе кажете манастирски туризам, дали е манастирски туризам доколку луѓето одат на поклонение по манастирите, доколку некоја од агенциите организира поклонување на манастирите на Свети Наум, на Бигорскиот манастир или на Лесново или на било кој друг манастир во Македонија или во светот, дали тоа може некој да го каже дека е некаков верски туризам? Сепак, верниците имаат потреба да дојдат, имаат потреба да им се овозможи она што е основно за тие да можат, ако имаме сувенирница, секако дека тука ќе се продаваат сувенири каде што се продаваат и свеќите. И за тоа верниците имаат потреба. И тие бараат. Ние никогаш нема да им понудиме некаков сувенир доколку тие не го бараат. Така што иконите, медот, виното, ракијата, сетоа она што го правиме…
360⁰: Преноќувањето…
Игумен Фотиј: „Преноќувањето. Сето тоа едноставно верниците го бараат. Е сега тоа е сѐ потполно оправдано. Но доколку се гледа од страната на оној кој има лоши намери, тоа е навистина лошо, но доколку се гледа со добри намери, тогаш тоа е оправдано.“
Помеѓу новиот неколкукатен објект со црквата на Свети Јоаким Крчовски и обидот за возобновување на некогашниот конак Бини, останува отворена дебатата за границата меѓу модерниот развој и наследството. Одговорот за тоа дали „Манастирскиот град“ ги задржува духот и автентичноста, ќе треба да го најде секој верник и добронамерник поединечно.
