Францускиот претседател Емануел Макрон влезе во вербален судир со израелската полиција при обиколката на Стариот град на Ерусалим, јавуваат светските медиуми. Проблемот настанал пред црквата Св. Ана која датира од времето на Крстоносните војни, а се смета за француска територија.
Според објавените видео-записи, Макрон влегува во расправија со израелски полицајци и безбедносни служби бидејќи сакале да влезат со него во црквата.
"Je n'ai pas aimé ce que vous avez fait en face de moi. Sortez s'il vous plaît"
— Le Parisien (@le_Parisien) January 22, 2020
24 ans après le coup de sang de Jacques Chirac à Jérusalem, Emmanuel Macron s'énerve en anglais contre des policiers israéliens (vidéo prise par @AvaDjamshidi) > https://t.co/rnsdq8TIbm pic.twitter.com/tXYbrjQ9V3
„Не ми се допаѓа тоа што го направивте пред мене. Излезете, ве молам… Жал ми е, но ги знаете правилата. Никој, никој не мора да провоцира… Имавме убава прошетка. Завршивте одлична работа во градот, го ценам тоа. Ве молам сега почитувајте ги правилата бидејќи тие важат со векови. Можам да ви кажам дека тие нема да се сменат со мене, во ред?“
вели францускиот претседател Емануел Макрон на англиски јазик.
Макрон не е првиот француски претседател кој влегол во судир пред Св. Ана
Црквата Св. Ана датира од 1138 година и е најдобро зачуваната црква од Крстоносниот период во Ерусалим. Се наоѓа во Источен Ерусалим, дел од градот кој Франција не го смета за израелска суверена територија туку за окупирана територија од страна на Израел. Француското знаме се вее над храмот Св. Ана од времето на Османлиската Империја, односно од 1856 година, кога тогашните турски власти ја дале црквата како подарок на Франција за помошта при Кримската војна.
Денешните сцени меѓу Макрон и израелската полиција во многу потсеќаат на 1996 година. На истото место, тогашниот претседател на Франција Жак Ширак, застана во одбрана на палестинските новинари и своето обезбедување откако израелската полиција се обиде да избутка дел од групата.
Макрон се извинил, или сепак не?
Макрон е еден од над 40 светски лидери кои ќе присуствуаат на Петиот светски форум за Холокаустот во Ерусалим.
Според Би Би Си, израелското министерство за надворешни работи одбило да го коментира инцидентот. Си Ен Ен пак јавува дека „израелски официјални лица“ го опишиле инцидентот како „дискусија“ меѓу израелското и француското обезбедување.
Според портпаролот на Агенцијата за безбедност на Израел, Макрон се извинил на израелските полицајци по посетата на црквата Св. Ана и се ракувал со обезбедувањето.
Но, Елисејската палата не ги потврдува таквите информации. Наместо тоа, еден од портпаролите во Елисејската палата ја објаснува реакцијата на Макрон.
„Св. Ана припаѓа на Франција во Ерусалим. Должност на Франција е да го штити ова место во градот. Израелските безбедносни служби сакаат да влезат во момент кога местото го обезбедуваа француските безбедносни служби. Претседателот реагираше на расправија меѓу израелските и француските безбедносни служби при влегувањето во Св. Ана со цел да ја запре расправијата и да ги потсети сите на правилата“,
велат од Елисејската палата.