„Ставот на Франција и на францускиот претседател Емануел Макрон е дека сакаме да го прошириме европското семејство и сакаме Северна Македонија да биде членка на ЕУ“, вели вториот човек во француското Министерство за надворешни работи, Оливие Бешт, во интервју за „360 степени“ објавено во синоќешното издание на емисијата на МРТ 1
Прашан дали кога Макрон зборува за Европа во повеќе брзини мисли на членки на ЕУ од втор ред, министерот Бешт одговара: „Воопшто не, зашто кога ѝ се приклучуваме на ЕУ ние сме полноправна членка. Значи, нема држави од прва, втора класа или трета класа, туку сите држави членки се на истиот воз“
360°: Во парламентот на Северна Македонија нема двотретинско мнозинство за да се донесат уставните измени како услов за продолжување на пристапните преговори на земјата со ЕУ. Од позиција на член на влада од која летото 2022 година дојде предлогот за деблокада на процесот, овде познат како француски предлог, чие спроведување сега е блокирано поради несогласување од опозицијата, како гледате на целиот контекст?
Бешт: „Прво, дозволете ми да ви кажам дека навистина сум среќен што денеска сум овде во Северна Македонија и навистина имам доверба во целиот интегративен процес кој ќе ѝ овозможи на Северна Македонија да се приклучи кон ЕУ. Францускиот предлог, кој ние го доставивме за време на француското претседателство со ЕУ во 2022 година, беше придружен со големи предности и заслуги. Прво, деблокирање на состојбата закочена поради фактот што други држави членки на ЕУ ја блокираа и да му се овозможи на македонскиот народ повторно да се најде на интегративниот пат. Второ, навистина беше овозможено признавање на македонскиот јазик. Денес ова решение овозможува повторно обновување на интегративниот процес – знам дека состојбата е тешка дури и во македонското Собрание, но она што треба да го разбереме е дека денес овој процес на приклучување кон ЕУ не зависи од блокадата на други држави членки на ЕУ, туку зависи од македонското Собрание. Затоа, јас имам доверба дека македонското Собрание ќе успее да ја надмине таа блокада и повторно да се најде на интегративниот пат кој сакаме да се случи колку што е можно побрзо.“
360°: Истиот ден кога претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, од Блед предложи 2030 година да се постави како индикативен рок за прием на нови членки во Европската Унија, францускиот претседател Емануел Макрон од Париз зборуваше за ЕУ во повеќе брзини што овде беше доживеано како „студен туш“ за амбициите на Северна Македонија и на другите земји кандидати за членство. Каква, попрецизно, е позицијата на Франција и на претседателот Макрон за проширувањето на ЕУ и за евентуален влез на Северна Македонија во Унијата?
Бешт: „Прво, да бидеме јасни – ставот на Франција и на францускиот претседател Емануел Макрон е дека сакаме да го прошириме европското семејство и сакаме Северна Македонија да биде членка на ЕУ. Вистинското прашање што денеска се поставува не е дали сакаме да се прошири ниту кога, зашто прашањето е како да го постигнеме тоа. Треба да се направат уште неколку напори, особено и другите држави членки, а ние како ЕУ денес ќе треба ја продолжиме нашата внатрешна реформа, а тоа значи продлабочување на заедницата за таа унија да може да функционира не со 27, туку со 35 или повеќе земји. Втората работа, вие самите велите дека таа унија напредува со повеќе брзини, но реално кажана, тоа денес веќе е и случај зашто внатре во Унијата имаме зајакната соработка, имаме политики кои се спроведуваат со помал број на држави членки во ЕУ, како на пример Шенген, односно слободата на движење на луѓето во ЕУ, што значи крај на пасошките контроли, и го имаме и еврото – валута која ја споделуваат не сите 27 држави членки, туку одредени држави членки. Она што е јасно е дека овие соработки никогаш не ги спречиле другите да ѝ се приклучат зашто станува збор за предлози што ги даваат одредени членки за да напредуваат и тие држави членки сакаат да соработуваат уште повеќе во рамки на Унијата, но тоа не е затворено за другите, туку оние што сакаат ќе им се овозможи да одат побрзо, оние што не сакаат да бидат дел од таа политика тогаш да не бидат или да се приклучат подоцна. Значи, ќе нагласам, нема никаков антагонизам, од една страна со фактот да се прошири ЕУ, а од друга страна да си кажеме дека може да имаме држави кои побрзо напредуваат во одредени политики. Да резимирам, ќе кажам дека Северна Македонија е добредојдена и тоа колку побрзо толку подобро, повторувам, во рамките на ЕУ. Да го прошириме тоа големо европско семејство, но паралелно ќе треба и да напредуваме во одреден број внатрешни реформи во ЕУ за да бидеме посилни во овој свет кој, како што забележуваме, е подложен на геополитички шокови, а Европа треба да биде силна за да може да постои.“
360°: Ова значи дека не станува збор за членки на ЕУ од втор ред?
Бешт: „Воопшто не, зашто кога ѝ се приклучуваме на ЕУ ние сме полноправна членка. Значи, нема држави од прва, втора класа или трета класа, туку сите држави членки се на истиот воз. Но, сепак, во воз, понекогаш се потребни локомотиви – држави членки кои напредуваат и сакаат да напредуваат побрзо и се повеќе ставаат гориво во машината за таа да напредува побрзо во одредени соработки. Тоа беше случајот со Шенген-режимот, со единствената валута, тоа може утре да биде случај со, на пример, одредени заеднички политики на поле на одбраната, дипломатијата или политики кои ги споделуваат одредени земји членки. Уште еднаш повторувам, тие соработки се отворени за сите, тоа не е ексклузивитет и тоа не го правиме меѓу одредени земји, а другите да немаат право да учествуваат. Тоа значи дека на маса е еден предлог за засилена соработка за да одиме понатаму и тоа најчесто го прават државите членки во одредена област. Оние што сакаат да се приклучат и се подготвени секако дека се добредојдени. Но, уште еднаш ќе кажам дека со тоа воопшто не ги спречуваме другите држави членки да бидат во ЕУ и самите да напредуваат во одредени политики на ЕУ.“
360°: Вашето министерско портфолио е главно поврзано со надворешна трговија и економија. Франција долго немаше економски интереси во регионот, а тоа како да се менува во последниот период. Низ оваа призма, што е интересот на вашата влада во Северна Македонија?
Бешт: „Би сакал да ви кажам дека сте во право зашто Франција долго време беше отсутна, на економски план, од Западниот Балкан. Денес го обновуваме тој интерес и кажавме дека имаме политички интерес зашто станува збор за територија – Западен Балкан, и Северна македонија посакува да влезе и сака политички да инвестира. Доказ е што францускиот претседател ја поддржува интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, тоа го кажав претходно… Го поддржуваме тоа и посакуваме да се случи колку што е можно побрзо и таа политичка инвестиција треба да повлече и економски инвестиции. Нештата се подобруваат, за трипати ја зголемивме трговската размена во споредба со пред 10 години, но сè уште е мала во споредба со инвестициите што доаѓаат од другите земји. Сакаме полека да го надополниме тоа, особено на полето на одбраната со договор што беше потпишан за зајакнување на воздушната одбрана на земјата, но исто така посакуваме денес да бидеме што е можно поприсутни во други сектори, на пример, во здравството, енергетиката и има голем предизвик за енергетската транзиција со обновливи извори на енергија и мислам дека тоа се убави писти за соработка. Француските компании сакаат да бидат присутни, дел од нив се и лидери во Европа и на светско ниво во оваа област и искрено се надевам дека овде, во Северна Македонија, ќе си го најдат своето место и ќе бидат срдечно пречекани за заедно да учествуваат во таа голема енергетска транзиција која е неопходна во однос на климатски промени.“