Како што соопшти денеска владината портпаролка, Марија Митева, намалувањето е резултат на анализите изготвени од Државниот пазарен инспекторат и договорот и преземената одговорност од страна на трговците за намалување на бруто-маржите за овој енергенс
Владата денеска соопшти дека од полноќ е намалена цената на течниот нафтен гас, како уште една мерка за стабилизирање на пазарот со енергенсите, постигната преку договор со трговците кои се согласиле на намалување на бруто-маржите на овој енергенс.

Информацијата на прес-конференција ја соопшти портпаролката на Владата, Марија Митева, која кажа дека компанијата „Макпетрол“ од полноќ ја намалила малопродажната цена на течен нафтен гас, односно плин, за пет денари по литар, со што новата цена наместо 59 денари сега изнесува 54 денари.
Истовремено, како што рече Митева, во трговијата на големо е евидентирано намалување од десет денари по килограм, што според пресметките значи дека цената на течниот нафтен гас е намалена за приближно пет денари по литар.
Она што, според владината портпаролка, е значајно е што и другите компании на пазарот го следат овој тренд.
„Во малопродажба, цените на течен нафтен гас на бензинските станици веќе се намалени во распон од 5 до 6 денари по литар и се движат од 53 до 54 денари“,
рече Митева.
Според неа, во случајот не станува збор за изолиран чекор, туку, како што кажа, за системска реакција која доаѓа како резултат на јасна институционална координација.
Како што наведува портпаролката, намалувањето е резултат на анализите изготвени од Државниот пазарен инспекторат и договорот и преземената одговорност од страна на трговците за намалување на бруто-маржите.
„Постигнавме согласност овие маржи да бидат намалени и да се задржат на тоа ниво и во наредниот период, да немаме осцилации коишто сега ќе ги имаме, оваа недела кон намалување, а следната би имале зголемување, што значи дека за повеќе од 10% во трговијата на големо и за 9 до 10% во малопродажба ќе имаме намалување“,
рече владината портпаролка.
Појаснувајќи го постигнатиот договор, таа посочи дека деталната анализа на Државниот пазарен инспекторат детектирала оти има простор за корекција на ценовната структура, по што следувале разговори со трговците, на кои бил постигнат договор за намалување на бруто-маржите.
„Ова е суштинската разлика во пристапот. Наместо декларативни политики, носиме мерки што даваат директен ефект врз цените. Наместо пасивно следење на пазарот, активно интервенираме таму каде што постои простор за корекција во интерес на граѓаните. Ќе продолжиме со истиот пристап, со анализа, со дијалог и со конкретни резултати“,
рече Митева.
Таа на крајот подвлече дека пазарот на енергенси мора да функционира, но мора да биде праведен.
