Армискиот тим во попладневните часови асистираше во успешно спроведена акција за спасување на млад човечки живот од урнатините, информираат од Министерството за одбрана

Македонскиот армиски тим денеска учествувал во извлекувањето на петгодишниот Сулејман од под урнатините во градот Кахраманмараш во Турција.
„Армискиот тим, кој е ангажиран во активностите за пребарување на теренот, пронаоѓање и извлекување на евентуално преживеаните во градот Кахраманмараш, во попладневните часови асистираше во успешно спроведена акција за спасување на млад човечки живот од урнатините“,
се наведува во соопштението од Министерството за одбрана.
Оттаму објаснуваат дека припадниците на армискиот тим, по сознанијата дека се слушнати гласови под урнатините, по шестчасовно расчистување на местото слушнале детски глас, по што заедно со турскиот тим за пребарување и по четиричасовното максимално ангажирање успеале да го извлечат петгодишниот Сулејман од под урнатините.
Припадниците на Армијата на Северна Македонија во погодените региони во Турција помагаат во спасувачките акции по разорниот земјотрес што го погоди југоистокот на земјата во понеделникот.
Како што беше објавено и од Министерството за одбрана, станува збор за 22 припадници на Баталјонот за специјални сили, но и две кучиња обучени за трагање и двајца водачи.