Мајката и едното дете, за кое грчките медиуми пишуваат дека било бебе, починале на самото место, додека таткото на повредите им подлегнал подоцна во болница на Халкидики
Другото малолетно дете е хоспитализирано, додека возачот на цистерната се наоѓа во добра здравствена состојба
Тешка сообраќајна несреќа се случи денеска попладне на покраинскиот пат Полигирос – Агиос Николаос на Халкидики во соседна Грција, во која животот го загубија маж, жена и едно од нивните две деца што се наоѓале во возилото, пренесува грчкиот весник „Прототема“.

Несреќата се случила кога автомобил со молдавски регистарски таблички, во кој патувало семејството, се судрил со цистерна.
Мајката и едното дете, за кое грчките медиуми пишуваат дека било бебе, починале на самото место, додека таткото на повредите им подлегнал подоцна во болница на Халкидики. Единствено преживеано е другото малолетно дете, кое е хоспитализирано.
Возачот на цистерната се наоѓа во добра здравствена состојба.
На местото на несреќата веднаш пристигнале пожарникари кои со помош на специјална опрема ги излегувале жртвите од автомобилот.
Истражниот оддел на сообраќајната полиција во Полигирос спроведува истрага за да ги утврди точните причини и околности што довеле до трагичната несреќа.
