На социјалната мрежа Икс е објавено видео на кое се гледа како Мадуро облечен во црна облека со качулка се движи по ходник со син тепих на кој е напишано „DEA NYD“. Тој е со лисици на рацете, придружуван од агенти на ДЕА и се обидува да зборува англиски, велејќи „Добра ноќ“ и „Среќна Нова Година“

Заробениот венецуелски претседател Николас Мадуро, откако со авион беше пренесен во Њујорк, светските медиуми објавуваат дека веќе е задржан во притворниот центар во Бруклин.
Според официјални лица на кои се повикуваат медиумите, се очекува тој првично утре да се појави пред федералниот суд на Менхетен.
Би-би-си пренесува дека Мадуро прво пристигнал во воена база во САД, од каде со хеликоптер е однесен во канцелариите на американската администрација за борба против дрога (ДЕА) во Њујорк, пред да биде пренесен во објектот во Бруклин.
На социјалната мрежа Икс е објавено видео на кое се гледа како Мадуро облечен во црна маица со качулка се движи по ходник со син тепих на кој е напишано „DEA NYD“. Тој е со лисици на рацете, придружуван од агенти на ДЕА и се обидува да зборува англиски, велејќи „Добра ноќ“ и „Среќна Нова Година“.
Perp walked.pic.twitter.com/34iIsFUDdG
— Rapid Response 47 (@RapidResponse47) January 4, 2026
Правниот аналитичар на Си-ен-ен, Ели Хониг, вели дека врвни адвокати веќе се борат за шансата да го застапуваат Мадуро. Случајот, вели тој, е „исклучително висок влог“, „масовно висок профил“, а Мадуро е „очигледно многу богат човек кој може да плати премиум цена за својот одбранбен тим“.
Во притворниот центар во Њујорк биле сместени неколку познати затвореници, вклучувајќи го и раперот Шон Диди, Сем Бенкман-Фрид, Брајан Томпсон.
Се очекува пред федералниот суд во Менхетен венецуелскиот лидер да се соочи со обвиненија за трговија со дрога и оружје.
Мадуро и неговата сопруга беа заробени преку ноќ како дел од големата американска воена операција во Каракас.
Министерството за правда на САД вчера објави ново обвинение против Мадуро, како и против неговите сопруга и син.
Американскиот претседател Доналд Трамп на прес-конференција рече дека САД ќе ја водат Венецуела сѐ додека не се направи разумна транзиција на власта, но не даде временска рамка за тоа колку долго би можела да трае таквата транзиција.
Тој заедно со државниот секретар Марко Рубио и претседателот на Здружениот генералштаб, генерал Ден Кејн, изнесоа детални информации за големата американска воена операција во која преку ноќ беше заробен венецуелскиот претседател Николас Мадуро.
