Специјално обучени стотина набљудувачи (ќе) чешлаат различни профили на општини – урбани и рурални, со многу и малку население, со мнозинско население од различна етничка припадност
„Не знам дали вчера го гледаше министерот, го донесоа со службена кола, го оставаат 15 метри пред настанот со неодбележани таблички. Ова ќе ни се случува за време на изборите“.
Ова е дел од разговорот за време на состанокот во просториите на граѓанската организација „Ромалитико“. Алберт Мемети и Суад Скендери се програмски координатори таму.
Тие се дел од стотина активисти од 10 граѓански организации кои веќе почнаа со набљудување на предизборните активности во 26 општини во земјава.

На мапата за набљудување намерно се ставени различни профили на општини – урбани и рурални, со многу и малку население, со мнозинско население од различна етничка припадност.
Задачата на набљудувачите е да регистрираат дали партиите злоупотребуваат административни ресурси во привлекувањето гласачи. Народски кажано – дали се злоупотребуваат парите, возилата и зградите во државна сопственост.
Проектот го спроведува Меѓународната фондација за изборни системи – ИФЕС, а поддршката е од Швајцарија.

„Генерално кандидатите коишто се кандидираат и независните, а повеќе политичките партии веќе го научија тој трик како да се однесуваат пред кампања. Постојат трети страни коишто се луѓе или ентитети коишто помагаат за некој кандидат или политичка партија и обично организираат активности пред официјално да започне кампањата. Има такви примери“,
вели Скендери од „Ромалитико“.
„Несоменно ги учиме некои практики од соседите дека ние во годината кога ни претстојат избори сите инфраструктурни проекти, покачување на пензии ги правиме на крајот од изборната година само со цел да влијаеме на позитивен исход за време на изборите“,
вели програмскиот координатор Мемети.

Токму затоа набљудувачките активности на граѓанските организации се започнати пред официјалниот старт на кампањата на 29 септември. Мемети и Скендери имаат задача да ги покријат Шуто Оризари, Штип и Кочани.
„Ние сега ги следиме кандидатите и нивните активности. Пробуваме да разговараме и со граѓаните, пробуваме да правиме истражување на јавното мислење, да ја разбереме нивната логика, да ја разбереме логиката на кандидатите, да видиме што понудуваат во своите програми“,
објаснува Скендери.
„Тоа е новитет којшто треба да го следиме, почнувајќи од користењето на јавни возила, општински згради и училишта коишто на некој кандидат можат да му дадат поповолна позиција и да придонесат гласачите токму да гласаат за нив заради некои бенефиции и поволности“,
потенцира Мемети.
Тетово, Боговиње и Теарце се општини кои во наредните два до три месеци ќе бидат под лупа на граѓанската организација „За Тетово“. Направивме обиколка на најголемиот град во Полошкиот регион заедно со Рамадан Муртезани.
Во 14:30 часот, кога еден градоначалник и еден министер би требало да ги извршуваат работните задачи за што се платени со јавни пари, камерата на „360 степени“ посведочи на предизборни активности. Актуелниот градоначалник Билал Касами придружуван од министерот за економија и труд Бесар Дурмиши делеше промотивни флаери низ градот.

Работата на Муртезани не е да заклучи дали во примерот се работи за злоупотреба на административните ресурси. Неговата мисија како набљудувач е сè што забележува на терен да го документира, но не и да го квалификува.
„Податоците мора да бидат точни и мора да бидат аргументирани за да нема предрасуди. Обуката ни помогна да научиме како да бидеме попрофесионални набљудувачи, како да стигнеме до изворот, како да анализираме и документираме доколку се случило финансиско лошо управување од страна на политичките партии за време на изборниот процес“,
вели Рамадан Муртезани.

Но, злоупотребата на административни ресурси не значи само искористување на државните пари од актуелни политичари. Ретко кој го користи јавниот простор што им припаѓа на граѓаните преку побарана и добиена дозвола од локалната самоуправа.
Така, според методологијата, остана само како белешка во извештајот на Рамадан Муртезани настапот на подмладокот на Националната алијанса за интеграција – ребрендираниот Европски фронт предводен од ДУИ. Тие пред споменикот „Победа“ во тетовскиот Дом на културата, одржаа прес-конференција на која му забележаа на Касами што ветил, а не остварил во првиот мандат.
„Досега ние сме анализирале изборен кодекс и кодексот на однесување за мониторинг. Многу е важно за нас бидејќи ни овозможува да се професионализираме, и преку тоа треба да бидеме, значи, колку што е можно неутрални за време на изборната кампања, за да ја задржиме нашата непристрасност кон политичките партии. Исто така, стекнавме искуство на тој начин како да ги таргетираме оние што ќе ги надгледуваме“,
изјави Муртезани од граѓанската организација „За Тетово“.
Набљудувачи на партиските активности има и за општините Охрид, Битола и Прилеп. Ги покрива граѓанската организација „Интерактив“.
Проектниот координатор Иван Дургутов вели – првичната фактографија покажува дека има раздвиженост на службени возила и по вообичаеното работно време.
„Oна што беше интересно за набљудувачите и она кое што го известуваат кај нас како проектен тим е дека полесно им е да ги следат сега, повоочливи се дека може да ги видат честопати како тие возила се движат низ градовите и по завршување на стандарднато работно време до 16, 17 часот, меѓутоа се уште немаме конкретен податок нели каде биле и каде оделе, меѓутоа она што може да го видат и што е веќе повоочливо е дека се раздвижуваат низ градот, така што сега следното ќе ни биде да видиме каде одат тие возила, односно за што конкретно всушност ќе бидат употребени“,
изјави Дургутов.

Вештините што сега ги поседуваат, ќе им олесни на набљудувачите, вели Дургутов, полесно да ги забележат евентуалните злоупотреби.
„Особено во оние општини каде што тековните градоначалници повторно се кандидираат, постои поголем ризик дека тие нема да можат секогаш да успеат да ја раздвојат општинската работа која што ја работат, односно нивниот тековен мандат и оние промотивни активности, кампањи и така натаму коишто всушност ќе треба да им донесат и уште еден уште еден мандат“,
нагласува тој.
Каде, како и што да прават, стотината набљудувачи учеа на неколкудневна конференција на почетокот на месецов. Проектот има за цел да ги подобри државните институции за крајниот исход од изборите на 19 октомври и 2 ноември да биде со зајакнат интегритет.

Татјана Хилшер-Богусевич, која е меѓународна експертка за демократски избори, спроведе поголем дел од обуката.
„Ова не е нешто што ја одликува само Северна Македонија. За жал, вакви работи се случуваат во многу други земји. Се случуваат и во помлади демократии, како и во држави со подолг демократски рок. Различно е. А зошто е важно? Затоа што она што на крај е важно за една демократија е дека ги почитува правилата против корупција, дека има неутралност во функционирањето на јавните служби и секако, средствата кои се наменети за јавното добро и јавниот интерес да се трошат токму за таа цел. Дека тие не се киднапирани за кампањи на кандидатите“,
вели пред камерата на „360 степени“ меѓународната експертка за демократија.
Со стартот на изборната кампања, ќе започне и засилено набљудување во 26-те одбрани општини. Се што ќе нотираат набљудувачите ќе помине низ аналитички процес. Кога ќе завршат двата изборни круга, ќе излезе прелиминарен извештај.
Нешто подоцна ќе биде изработен и објавен конечен детален извештај. Во него ќе има препораки за политичарите и конкретно за извршната власт – како во иднина да не се повторуваат документираните злоупотреби на административните ресурси.
Овој производ е подготвен во рамки на проектот Отпорни институции на Балканот за демократско управување и избори (BRIDGE), финансиран од Владата на Обединетото Кралство со поддршка на Британската амбасада во Скопје, и на Програмата за изборна поддршка на Швајцарската соработка во Северна Македонија, спроведувана од Меѓународната фондација за изборни системи (IFES). Содржината на овој производ не ги одразува нужно ставовите на донаторите, проектите или спроведувачите.