За што се залагаат и какви им се шансите на претстојните избори на некои од независните листи на кандидати за советници, во сторијата на „360 степени“ работена во Скопје, Тетово, Битола и Струмичко
Основната цел е моќта да се врати кај граѓаните. Тие да имаат реални претставници во советот кои ќе се борат за нивниот и јавниот интерес, кои ќе носат одлуки кои се за квалитетен живот на сите, не само за малкумина, вели Јана Белчева-Андреевска, носителка на независната листа „Шанса за Центар“
Скапи спотови, билборди, плакати, секојдневни митинзи и средби со граѓани. Уште во првата недела од кампањата за локалните избори на 17 октомври, големите партии го освоија јавниот простор. Но, на овие избори, се тркаат и 65 независни советнички листи. Не можат да одговорат на платената пропаганда на „големите“, бидејќи за нив нема пари од државниот буџет. Па, својата визија за општината во која се тркаат, ја споделуваат на места и настани кои се бесплатни.

Една од тие независни е советничката листа на „Зелен хуман град“, која е во трка за Советот на Град Скопје. Носителка на листата, составена од познати борци за животната средина, активисти од различни профили од граѓанскиот сектор и универзитетски професори, е Драгана Велковска, досега советничка во градското Собрание од редовите на Левица.
„Ние допираме на начин со кој сме континуирано на улица, на начин што низ годините наназад сме биле континуирано на улица, ние сме произлезени од тие локални социјални движења и голем круг на луѓе не препознаваат нас и нашата волонтерска работа. А таа доверба, која ние сме ја стекнале низ годините, е всушност клучен елемент кој нам ќе ни обезбеди голема поддршка на изборите, како што впрочем ни обезбеди и во собирањето на потписи“,
вели Велковска.

Кампањата ја започнаа во општината Шуто Оризари, за која ветија дека доколку влезат во локалната власт, ќе бараат нејзин еднаков третман како и другите општини под градот.
„Зелен хуман град“ има и платформа наречена „Мој град“, за која велат дека е канал за постојана комуникација со граѓаните. Таму се собираат предлози за подобрување на условите за живот во Скопје. Визијата за главниот град, вели Велковска, мора да биде натпартиска и стручна.
„Ги лоцираме проблемите на граѓаните, низ нашите принципи и нашата рамка за одржлив развој и праведна транзиција, ги насочуваме решенијата и континуирано сме во комуникација со луѓето, да не се почувствуваат отфрлени, да не се почувствуваат дека не се за ништо прашани, дека некој им наметнува решенија, затоа што досега така баше и тоа не смее да продолжи“,
смета Велковска.
На општо ниво, слични програмски заложби како „Зелен хуман град“ има независната листа која се бори за место во Советот на Општина Центар, „Шанса за Центар“. Јана Белчева-Андреевска ја предводи листата од вкупно 23 кандидати, меѓу кои има архитекти, професори и активисти.
Белчева и досега беше советничка, па и претседателка на Советот во Центар. Иако независна, СДСМ ја стави за носителка на нивната листа на минатите избори, но потоа се судрија за прашања од урбанизмот.
„Мислам дека со влегувањето на независните листи, основната цел е моќта да се врати кај граѓаните. Тие да имаат реални претставници во советот кои ќе се борат за нивниот и јавниот интерес, кои ќе носат одлуки кои се за квалитет на живот на сите, не само за малкумина. Кои ќе бидат практично чувари на општината, од апетитите на малкумина моќници или на некакви партиски интереси. Овој пат се одлучивме со една група на луѓе со интегритет“,
вели Белчева – Андреевска.

Програмските определби „Шанса за Центар“ ги претставува преку непосредни средби со центарци и преку социјалните медиуми. За нив, ваквиот пристап нуди свежина во политичкиот простор, спротивно, како што велат, од она што една моќна кампања, со многу пари, може да го понуди.
„Мислам дека имаме една модерна, сериозна програма која, секако, се темели на четири столба, кои биле основата на тоа што биле нашите досегашни заложби со кои продолжуваме понатаму, а тоа е добро владеење односно транспарентност на процесите, вклученст на јавноста на носење на одлуките, потоа зелен и рамномерен развој, креативна заедница која ќе биде вклучена во носењето на одлуки и во просторот може да се искаже себе си … и, секако, квалитетен живот што подразбира квалитетени урбанистички и плански решенија“,
изјави Белчева – Андреевска.
Во борба со „големите“, но во Битола, е независната листа „Поинаку“. На минатите локални избори тие освоија две советнички места. Својата програма ја објавија при промоцијата на кандидатите. Ветуваат нов градски парк, субвенции за електрична енергија, стационар за бездомни животни, реконструкција на Зоолошката градина и на Планинарскиот дом „Копанки“.
„Бараме Битола да има чисти улици, Битола да нема повеќе проблем со сообраќајниот метеж, Битола да стане туристичка дестинација, бидејќи ја имаме најубавата планина во државата и бараме едноставно да имаме живот каков што доликува во 21 век, да има еден град кој е втор, трет по големина во државата“,
вели Илиевска.

Габриела Илиевска, која и во последните четири години беше советничка на „Поинаку“, не сака да прогнозира колку места очекува да освојат на овие избори. Сепак, тврди дека ќе бидат фактор на одлучување во следниот општински совет.
„Иако кампањата е веќе започната, ние во кампањата само ќе го потврдиме она за што сме се залагале, она што сме го работеле во изминатите четири години и ќе им кажеме на граѓаните дека се што сме ветиле, како претходно, така и сега ќе пробаме да го реализираме со следната власт во општина Битола која и да е“,
вели Илиевска.
Но, не сите независни листи во своите редови имаат поранешни советници. Таква е „Подобро за Тетово“, која ја предводи архитектот Хамди Сулејмани, во јавноста познат како дел од иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“. Тој и уште триесетина активисти одлучиле наместо само активистички, да се обидат да направат промена и преку институционално делување. Како по некое непишано правило, суштината и на програмата на „Подобро за Тетово“ е хуманото живеење. Намалување на загадувањето на воздухот и околината, нови паркови и пешачки патеки, па и укинување на урбанистички планови, се некои од главните ветувања.

„Ќе ги повикаме сите носители на листите во Тетово кои се кандидати за Советот на Општина Тетово, да потпишеме заеднички меморандум од денот кога ќе се ангажираме во Советот на Општина Тетово, да донесеме нова иницјатива која ќе води до поништување на урбанистичкиот план за делот кај „Шик Јелак“ Тетово, за кој сите знаеме дека беше донесен во брза постапка, сите знаеме за кои кланови и кои групи богаташи“,
вели Сулејмани.
На југот од земјата, пак, се појави првата меѓусебно поврзана група на независни листи. Под слоганот „Стига е“, три независни листи составени пред се од еко-активисти, ќе се тркаат во три засебни општини – Босилово, Струмица и Ново Село. Ги споил заедничкот „непријател“, најавениот рудник Иловица-Штука, кој ќе влијае на сите три општини.

„Четири и пол години, пет години како се буниме и бориме и пред сите избори, одредени политички структури кажуваат дека се против рудник. Декламативно ќе излезат, ќе дадат изјава дека се против рудник и толку, ништо. Сакаме да влеземе во советите, бидејќи ако дојде време да се отвори тој рудник, треба да поминат многу прашања, многу одобрувања, многу потврди кои, најверојатно, ќе треба да ги даде општината, односно советот на општината“,
смета Велков.
Рудникот можеби е заеднички, но не е единствен проблем. Секоја од трите општини си има свои, посебни. Во Босилово, вели Велков, тоа е загадување на воздухот и почвата и од други извори. Гласови за нивната кауза бараат на социјалните мрежи, интернет порталите и преку директни средби. Што очекуваат да се случи на 17-ти? Велков прогнозира – четири места во 15-члениот совет.
„Нашите очи се свртени кон луѓето кои размислуваат, луѓето кои можат да се одделат од матрицата на партијата, луѓето кои изгубиле надеж веќе од тој пристап на големите партии, како да се решаваат односно воопшто да не се решаваат проблемите. Очекуваме доста позитивни резултати во не само во Бисолово, туку и Ново Село и Струмица“,
вели Велков.

Секој што учествува има право да се надева на успех. Но, дали е можен вистински потрес? Политичкиот аналитичар, Сашо Клековски, ги нарекува независните и зелени листи и прогнозира нивен успех на изборите.
„Во сите скорешни истражувања за општествените приоритети или предизвиците, по невработеноста и корупцијата, број три прашање е загаденоста, аерозагадувањето, ѓубрето, значи сферата на заштита на животната средина. Луѓето на кои тоа им е прв приоритет, луѓето на кои тоа им е втор приоритет,мислам дека создаваат одлична основа за овие зелени независни листи“,
смета Клековски.
Токму таа категорија на граѓани која е загрижена за животната средина, вели Клековски, е особено активна на интернет-просторот. Токму таму може и да се добие нивната поддршка, со таргетиран пристап преку социјалните медиуми.
„Јас лично не верувам во ефектите на традиционалните кампањи, мислам дека дури и теоријата вели дека повеќе од 5% не може да влијае ниту кандидатите, ниту кампањите на базичните определби на граѓаните“,
објаснува Клековски.
На 17 октомври, меѓу другото, ќе се види – дали и без традиционална кампања, независните можат да добијат доволно поддршка за да им ги поматат сметките на големите и да станат можеби мали, но важни фактори во новите совети.